ПЕЛАГОНИЈА
Доцнат парите за невремето во Прилепско
Најголеми штети претрпеа земјоделците од Канатларци
ПРИЛЕП - Земјоделците од Прилепско бараат итна исплата на ветената отштета од 27 милиони денари од невремето што се случи летоска. Во тој период беа зафатени околу 320 хектари со тутун, бостан, житни култури во селата Штавица, Шелеверци, Алинци, Берово, Старо Лагово, Ерековци и Канатларци. Најголеми штети од 21 милион денари претрпеа земјоделците од Канатларци, а сите семејства треба да добијат отштета.
„Невремето уште во јуни го уништи родот по нивите. Останавме без тутун, бостанот беше уништен целосно, а добитокот се удави во поројните дождови.Тогаш ветија отштета, но еве поминаа месеци, а пари нема. Не се издржува веќе оваа мака, страдаме за леб“, се жали Дице Трајкоски од прилепското село Штавица. Земјоделците речиси секојдневно реагираат во прилепската локална самоуправа зашто, велат, друг избор немаат.
„Во владината комисија се промени раководството. Се чека разгледување на извештајот. Потоа ќе оди на владина седница за одобрување. Тогаш ќе се знае конкретно колку и како ќе се исплаќа владината помош за настраданите земјоделци“, објаснуваат од општинскиот ресор за буџет и финансирање. (Мн.Т.) |