Што пишуваат весниците во светот
Поглед на катедралата Заферина Етнеа за време на ерупцијата
Поглед на катедралата Заферина Етнеа за време на ерупцијата на вулканот Етна на Сицилија. Етна е највисокиот и најактивниот вулкан во Европа кој одвреме- навреме испушта зажарена лава.
„Франкфуртер алгемајне цајтунг“
Ни треба „еврогугл“
Пред неколку недели главниот извршен директор на „Гугл“, Ерик Шмит, одржа говор за паметење. „Во 2029 година“, предвидуваше Шмит, „ќе може да купувате 11 петабајти за дигитално складирање на еден хард драјв за помалку од сто долари. Таа направа ќе може да складира 24 часа видеоснимки со ДВД-квалитет, секој ден во период од шестотини години“. Тоа е доволно за целиот животен век од колепка до гроб - со простор за идните генерации. Денес започна многу слаб потрес, а Шмит треба да го сфатиме многу сериозно кога вели дека интернет-ерата само што започнала. Прашањето на кое се' уште никој нема одговор е: зошто луѓето треба да го прават тоа и сакаат да го прават тоа? Зошто, на пример, би ги снимале нивните животи? Социјалната комуникација е само дел од одговорот. Дамнешното човечко искуство ни кажува дека се случило само она што се памети.
Во поглед на изјавата на Шмит, заклучоците на Бетси Спероу и другите за влијанието на дигиталната меморија врз човечката меморија, објавени во списанието „Саенс“, имаат шокантен одглас. Прво, Спероу и нејзините колеги не зборуваат за интернет. Тие зборуваат за пребарувачи. Тоа, всушност, значи дека тие зборуваат за „Гугл“. Истражувачите, во суштина, открија дека користењето „Гугл“ за да бараме работи не' тера да не ги учиме и паметиме работите подобро, туку подобро да учиме каде можеме да го најдеме тоа што сакаме да го дознаеме. Оние на кои им беше кажано дека баналните информации на нивните компјутери веќе нема да се складираат, туку ќе се бришат ја запаметија таа информација подобро отколку кога беа оставени да претпоставуваат дека компјутерот ќе чува се' за нив.
„НРЦ Ханделсблад“
Нема веќе eлдорадо на Висла
„Плачам секој ден“, вели младата мајка Ана Пакос, со насмевка. Осум часа дневно, пет дена во неделата, таа лупи кромид на фармата во малото село Забице. Местото каде што работи таа е полно со гајби кромид. „Но, солзите не траат долго“, додава таа убедливо. Во друга просторија, Ана ја чекаат десетици вреќи, секоја со човечка големина. Тие не ја плашат. Таа е задоволна и вели: „Ние сме платени две евра по гајба и лупам петнаесет мали гајби дневно. Работата и' носи многу поголема заработувачка отколку минималната плата во Полска, која е околу 350 евра месечно. Ана работи со 40 други работници, главно, жени, за холандскиот фармер Дерек Бак. На 28 години Дерек Бак е еден од стотиците холандски фармери што се доселија во Полска во текот на последниве години и почнаа успешен бизнис. Полскиот парламент сега размислува за нацрт-закон, со цел да се ограничи големината на земјоделските претпријатија. Над лимитот земјиштето ќе биде вратено назад и достапно за земјоделците чии полиња се помали. На крај, тоа би требало да поттикне создавање поголем број фарми со средна големина (според полските критериуми) меѓу 10 и 50 хектари. Иако законот се' уште не е усвоен од парламентот (и е далеку од тоа), агенцијата веќе дејствува во тој дух.
Од стотиците холандски фармери, кои дојдоа во Полска во последните 20 години, повеќето се вратија во Холандија. Едноставна причина е тоа што, иако земјиштето во Полска е речиси бесплатно, водењето интензивно земјоделство по холандски модел се покажа како премногу скапо. Во Холандија, фармерите што практикуваат таков вид земјоделство често работат по неколку хектари, додека во полските фарми понекогаш имаат од 30 до 40 илјади хектари.
|