Американците се плашат да трошат
ЊУЈОРК - Америка не функционира. Од Тајмс сквер до Санкт Петербург, Флорида и Портланд, Орегон, луѓето се обидуваат да сфатат како намалувањето на кредитниот рејтинг на Америка, ААА, од агенцијата „Стандард и Пурс“ предизвика удар на Берзата и повторно ги уништи нивните економски изгледи.
Без работа, без можност да ги продадат своите домови и во услови кога се натрупуваат сметките, многумина се прашуваат како ќе врзат крај со крај. „Мојот фрижидер не функционира, машината за перење, исто така, мојот шпорет не работи, мојот покрив не функционира“, вели Марија Теј од Џенкинтаун, предградие на Филаделфија, која ја загуби работата како директор на непрофитна организација пред неколку недели и се прашува како ќе спречи да падне нејзината куќа. Како и многумина, Теј се соочува со ужас бидејќи Берзата доживеа удар во понеделникот и таа стравува за својата пензиска заштеда.
Барбара Барак (32) работи како продавачка на козметички производи во трговски центар во Орландо, Флорида. Но, бидејќи работи, главно, на провизија, а бизнисот „е непостоечки“, таа може да даде отказ. „Луѓето се плашат да трошат пари“, вели таа. Откако нејзиниот сопруг ја загуби работата во индустријата за челик на почетокот од рецесијата во 2008 година и најде работа кај произведувач на сладолед, нивниот годишен приход е намален за 50.000 долари. Таа би можела помалку да се грижи за Берзата бидејќи нема заштеди. Нејзиниот финансиски план? „Само да се преживее“.
Потрошувачката сочинува околу 70 отсто од американската економија, а економистите стравуваат дека наглите опаѓања на вредноста на акциите ќе имаат психолошки ефект врз домаќинствата поради што тие ќе ги намалат трошоците, а компаниите ќе бидат принудени да го одложат ангажирањето нови луѓе и трошењето.
Антонио дел Вале, вработен во продавница во Мајами, вели дека за сегашните проблеми го обвинува поранешниот американски претседател Џорџ Буш. „Ако залудно не потрошеше пари за војните во Ирак и во Авганистан, немаше да дискутираме за плафонот на задолжување“, вели тој.
Децениска војна во Авганистан и осум години во Ирак му наштетија на националниот буџет, заедно со финансиската криза од 2008 година, при што пакетите помош за да се спречи глобално финансиско пропаѓање доведоа до помалку помош од Вашингтон за американските држави. Како резултат на тоа, вработените Американци беа притиснати, додека американските држави и општините ги покачија цените на се', од вода до даноци на имот.
Семи Рубин, 64-годишен контрактор за електрични работи од Бирмингем, Алабама, ги обвинува политичарите. Себе се опишува како конзервативец и вели дека е гневен поради неодамнешните политички расправии за границата на задолженост. „Ако јас имав моќ би ја замрзнал секоја банкарска сметка на конгресмените и би ги натерал да најдат работа, да видат како се прави тоа. И не би се грижел доколку целата влада пропадне, освен за војската“, рече тој.
Дебатата за долгот во Конгресот го зајакна ставот на оние што сметаат дека двопартискиот систем пропаѓа. Според минатонеделната анкета на Си-Ен-Ен, 77 отсто Американци сметаат дека избраните претставници во Вашингтон се однесувале „како разгалени деца“ во натегањето за зголемување на плафонот на задолженост. Џош Гринвуд, 24-годишен Американец кој се пресели од Калифорнија во Њујорк и работи како бармен, побара од претседателот Барак Обама да стави крај на пристрасните расправии во Вашингтон. „Обама треба да ја употреби својата моќ и влијание за сите да бидат во иста состојба“, рече тој.
Сузан Најт-Ален, 55-годишна работничка во здравственото осигурување, се потстрижуваше во фризерски салон во населбата Холивуд во Портланд, Орегон. „Можеби овој пат нема да се подобри“, рече таа за Берзата. Таа и нејзиниот партнер пред две години ги претворија парите во готовина и сега се прашува дали може некако да си помогнат, можеби, со некаква работа дома.
Рашел Маркли (48) работеше во продавницата за користени книги. Работата во продавница за користени книги е пријатна, но сама се издржува. Антоан Сикс, 37-годишен вработен во агенција за обезбедување како портир во западниот дел на Чикаго, стравува за својата финансиска сигурност и планира да спаси се' што може, но не им верува на банките. „Парите ги оставам под мојот кревет или во шифоњерот на баба ми“. Метју Таварес (43) и неговата сопруга Џулија (31) сакаат да го продадат својот дом во одморалиштето Маршфилд, јужно од Бостон. Понудата е на пазарот веќе една година, но тие стравуваат дека ќе треба да ја намалат цената за да ја продадат и ќе треба да ги употребат заштедите за да ги покријат евентуалните загуби. Најновите финансиски проблеми во земјата, исто така, ја зголемија загриженоста на 51-годишниот Хари Краун, комерцијален сликар од Санкт Петерсбург, Флорида. Тој вели дека живее од плата до плата и очекува наскоро да биде отпуштен поради недостиг од работа. (Ројтерс) |