Јапонија одбројува до оставката на премиерот Кан
ТОКИО - Се' поголеми се изгледите дека јапонскиот премиер Наото Кан ќе поднесе оставка овој месец, подготвувајќи го теренот за избор на шести лидер на Јапонија за пет години, додека земјата се бори да закрепне од огромното цунами, да изгради нова енергетска политика по нуклеарната криза и да ги подобри исцрпените финансии во државата.
Во време кога два клучни нацрт-закона што сака Кан да се донесат пред да замине, се чини дека ќе бидат усвоени пред завршување на парламентарната сесија на 31 август, јапонските медиуми јавуваат дека Демократската партија на Кан планира да гласа на 28 август за избор на нов лидер.
Министерот за финансии, Јошихико Нода, кој се залага за плаќање за надуените трошоци за социјално осигурување со зголемување на данокот на продажба од пет отсто, и исто како Кан смета дека зауздувањето на се' поголемиот јавен долг е приоритет во политиката, се најавува како фаворит.
Прашањето како да се извлече третата најголема економија во светот од дефлација би можело да биде главен фокус на партиската трка, при што некои потенцијални кандидати бараат поагресивно олабавување на монетарната политика и се претпазливи за владиниот план двојно да се зголеми данокот на продажба, на 10 отсто, до средината на деценијата. Но, останува прашањето дали промената во врвот ќе го реши политичкиот ќор-сокак, што потекнува од под��лениот парламент на Јапонија, каде што опозицијата го контролира Горниот дом и може да ги блокира законите.
Некои аналитичари изразија надеж дека замената на Кан, чии премислувања во политиката и грубата личност ги иритираат и владејачките и опозициските законодавци, би овозможила полесна соработка со опозицијата. (Ројтерс) |