Топлите води - иднина за Кочани
Со помош на овој природен енергенс се загреваат оранжерии, зградата на судот и училишта
Иван Бојаџиски
КОЧАНИ – Топлите води ќе бидат иднина за Кочани. Со реализацијата на проектот за инјектирање на геотермалните води се остварува заложбата за рационално стопанисување со овој природен благодет. Имено, водата од бунарите излегува со средна температура од 75 Целзиусови степени, па откако ќе ја заврши својата мисија во оранжериското производство и во загревањето на неколку јавни згради во Кочани, нејзината температура се намалува на околу 40 степени. Искористената вода со процесот на реинјектирање ќе се враќа повторно во утробата на земјата или, поточно, во големите топли подземни езра за кои хидрогеолозите одамна укажуваа дека се голем природен резервоар на оваа топлинска енергија.
Во атарот на селото Тркање кај Кочани вчера почна реализацијата на завршната фаза од проектот реинјектирање на геотермалните води од експлоатационите бунари кај селото Горни Подлог. За таа потреба почна изградба на цевковод во должина од 3,4 километри и со пропусна моќ од 50 лири топла вода во секунда.
Според Љупчо Папазов, директор на КЈП „Водовод“, инвестициите во овој зафат изнесуваат 340.000 евра од кои 200.000 евра се донација од Владата на Австрија, а останатата сума ја обезбедуваат Општина Кочани и КЈП „Водовод“ од овој град, кој стопанисува со геотермалните води.
„Станува збор за реализација на последната фаза од капиталниот проект за еколошка санација и енергетска рационализација на геотермалниот систем во Кочанската Котлина во што се вложени 1,7 милиони евра. Овој проект немаше да можеме да го реализираме ако австриската влада не го обезбедеше поголемиот дел од потребните финансиски средства, кон што се приклучија и министерствата за животна средина и за економија, Општина Кочани и нашето Јавно комунално претпријатие“, потенцира Тодор Кушевски, раководител на „Геотерма“ и главен координатор на проектот.
Кочани е општина што отиде најдалеку во искористувањето на геотермалните води. Последниве три години се направени две дупчења, за експлоатација и за реинјектирање, а вкупниот капацитет на геотермални води е 300 литри во секунда. Со помош на ово�� природен енергенс се загреваат 18 хектари оранжерии, зградата на Општинскиот суд и три училишта во Кочани. Одамна постои идеја за многу поголема употреба на топлите води во оваа општина, пред се', за загревање на илјадници станбени и деловни објекти во градот, но засега се остана на оранжериите и трите јавни објекти.
„Работиме на проект со кој треба точно да се утврди билансот на капацитетите на геотермалните води во нашата општина. Таа студија ќе даде суштински одговор за капацитетот, кој, пак, ќе ни послужи за изработка на развоен концепт на геотермалниот систем во општината. Очекуваме овие процеси да бидат завршени годинава, или, поточно, до оваа есен“, вели директорот Папазов.
Инаку, цевководот, на кој од вчера започнаа работите, минува низ срцето на оризовата Кочанска Котлина. Поради фактот што оризовата култура е пред сеидба, одговорните од „Водовод“ ги насочија сите капацитети работите да завршат што побргу за земјоделците да ги посеат своите ниви. Папазов вели дека селаните, низ чии ниви минува цевководот, ќе бидат обесштетени, а откако работата ќе биде завршена, нивите ќе бидат вратени во првобитната положба. |