Источниот регион нема пари за прскање против комарци
Иван Бојаџиски
ШТИП - Источниот плански регион и годинава нема пари за прскање против комарци. Општина Кочани, која е главно жариште, не ги уништува здодевните инсекти цели десет години. Се' до преклани, Штип редовно издвојувал финансиски средства за прскање, а минатата година Општината не предвидела такво нешто. Од фирмата „Бони ер“, која има пет авиони за прскање што се стационирани во Овчеполието, велат дека токму летово опасноста од комарци може да достигне кулминација, а тоа ќе биде пеколно за жителите од овој дел на Македонија.
„Годинава имаме надојдени реки, а големите води се погодно место за развој на комарци. Во Кочанско има и оризови полиња, кои, исто така, се значаен предуслов за размножување на комарци. Ако општините не се договорат за прскање, тогаш летото за граѓаните од овој регион може да биде навистина неподносливо“, вели Никола Петковски, сопственик на единствената фирма за земјоделска авијација во државава.
Кочанскиот градоначалник, Ратко Димитровски, кој е и претседател на Собранието на источниот плански регион, изјави дека за овој проблем тие ќе расправале на седница кон крајот на април.
„Регионот нема пари, а особено помалите општини. Резултати не можат да се постигнат доколку не се прска во сите општини, кои географски му припаѓаат на ова подрачје. Тука мислам на Виница, Кочани, Зрновци, Чешиново-Облешево, Карбинци, Пробиштип и Штип, како и на подрачјето на општините Свети Николе и Лозово“, истакна Димитровски.
„Бони ер“ користи еколошки средства против комарци. За целосен успех на акцијата, првото прскање мора биде во втората половина на мај, а потоа на секои дваесет дена треба да има уште најмалку две до три прскања. Цената за еден хектар е 300 денари, а во регионот треба да се испрскаат околу 4.000 хектари, што значи за три прскања, потребни се 60.000 евра.
Првиот човек на регионот, Ратко Димитровски, вели дека општините Зрновци, Чешиново-Облешево, Пробиштип, Карбинци и Лозово немаат финансиски капацитет за ваква акција. „Ќе побараме финансиска поддршка од Владата“, додава Димитровски.
Минатата година луѓето од овој регион немаа мир од комарците. За разлика од ова подрачје, во други градови оваа активност е редовна. Никола Петковски од „Бони ер“ потенцира дека со скопскиот градоначалник, Коце Трајановски, веќе потпишале договор за третман против комарците. Редовно прскање се реализира и во Велес, Гевгелија, Дојран, Струмица, Куманово, Охрид. „ Интересно е што токму во местата што се царство на комарците, најмалку се прска“, дециден е Петковски. |