Феросилициумот од Јегуновце повторно го освојува светот
Гојко Ефтоски
ТЕТОВО – Од средината на мај феросилициумот, произведен во печките во Јегуновце, повторно ќе го освојува светот. Во некогашниот „Силмак“ се активираат две печки, кои започнуваат со производство на 5 мај. Ќе тече феросилициум од најголемата печка, која овде ја нарекуваат „48“, со капацитет од над две илјади тони месечно и од „осумката“, или двете печки месечно ќе произведуваат околу три илјади тони феросилициум.
Истовремено, во новорегистрираната фирма во Јегуновце „Метал инвест ЕФТ Македонија“ веќе е извршен прием на стотина нови работници од оние што пред пет месеци беа отпуштени од работа, а тече огласот за прием на уште 240. Нивниот прием, според директорот Кочо Анџушев, се врши паралелно и континуирано, зависно од технолошките потреби. Меѓутоа, на 5 мај кога е закажан и официјалниот старт на двете печки, на работни места ќе се најдат повеќе од 300 работници.
Како што истакнува Кочо Анџушев, сево ова се смета за подготвителен период во кој најмногу бил ангажиран менаџерски тим што го сочинуваат познати стручњаци на бизнис планот кој веќе го привеле кон крај. Токму од овој план зависел и рестартот на производството на феросилициум во Јегуновце. Овој комбинат, во времето кога сите работеа печки, имаше традиционални доверители и купувачи на над 90 отсто од своето производство со кои сега ги обновуваат деловните односи. Се смета дека феросилициумот и натаму најмногу ќе се пласира во земјите на ЕУ, а пред се', во Италија. Но, значаен извоз ќе се остварува и во Австрија, Словенија, Словачка, Чешка, Бугарија, Грција, како и кај веќе традиционалните купци во Турција, Хрватска, Србија и во други земји надвор од европскиот континент.
Инаку, нов сопственик на овој познат капацитет е „Метал инвест ЕФТ Македонија“, како најголем поединечен доминантен доверител на претходниот „Силмак“. Новиот сопственик барал 4,8 милиони евра. Наплатата била спроведена во извршна постапка. „Метал инвест ЕФТ“ се определил да се ангажира во Јегуновце со старт на производството. За „Силмак“, кој западна во големи долгови, сега се води стечајна постапка во која останал непроизводен дел, главно, магацини, управна зграда, менза и некои споредни објекти. |