РЕК ги менува директорите?
Како во обложувалница се нагаѓа кој ќе биде прв човек на комбинатот
Кој ќе биде новиот генерален директор на РЕК „Битола“? Кои ќе бидат новите раководители на рудниците „Суводол“ и „Брод – Гнеотино“ и на термоелектраната? Вакви гласишта за кадровски смени во РЕК брзо се проширија меѓу вработените во комбинатот, но и во Битола. Како во обложувалница се нагаѓа кој ќе биде прв човек на комбинатот, но и зошто токму сега, во екот на грејната сезона доаѓа до смена на кормилото на стожерот на електроенергетскиот систем во државата.
Неофицијално дознаваме дека токму неделава ќе се случат големи кадровски промени во РЕК „Битола“, а дека на местото на актуелниот директор Мирко Ристевски доаѓа Роберт Попов, кој сега ја извршува функцијата директор за развој. Попов е млад кадар, но се смета за искусен, бидејќи бил еден од инженерите што работеле на реконструкцијата на багерот СРС 2000 што доживеа хаварија во 2007 година. Обновата на багерот била успешно завршена и ќе треба да стартува со работа во новиот коп „Брод- Гнеотино“.
Шпекулациите за смена на директорскиот тим во РЕК одат во крајности. Првата е дека актуелниот директор Ристевски е унапреден. По неговото заминување од РЕК тој наводно ќе биде префрлен во централата на ЕЛЕМ во Скопје на уште повисока позиција. Ристевски важи за скромен човек што едвај се појавуваше во јавноста.
Други, пак, зборуваат дека смената не е случајна затоа што Ристевски тешко успевал да се справи со ситуацијата во РЕК. Трети коментираат дека смената на директорскиот тим е последица на случајот со кривичните пријави за 12 раководители во комбинатот и доаѓа по поднесената анонимна пријава за наводна вмешаност во случајот на поранешниот директор Зоран Коњановски, актуелен министер за одбрана.
Случајот за директорите од РЕК кои добија кривични пријави од полицијата се' уште се истражува.
Дали гласиштата за смена на директорите ќе се обистинат или ќе останат само неофицијални озборувања? Познавачите на приликите велат дека тоа ќе се знае многу скоро, по одржување на седница на Управниот одбор.
Од ЕЛЕМ ваквите гласишта ниту ги потврдуваат ниту, пак, ги демантираат. Портпаролот Мирче Котевски вели дека смената не е едноставна постапка и не би можело да има промени без да се состане УО на компанијата.
Инаку, актуелниот директор Мирко Ристевски во РЕК дојде во јуни 2009 година. Тој претходно беше раководител на фабриката за опрема и делови при РЕК „Битола“. Пред тоа комбинатот беше оставен речиси една година без директор, поточно откако Коњановски замина од РЕК на функцијата министер за одбрана. (Д.Р.) |