Сите се сомневаат, никој не води истрага за посвојувањата
Полицијата уште во јули барала информација од Министерството за труд и социјала за посвоители од Италија
Жаклина Ѓорѓевиќ
Имало или не криминални посвојувања на деца од државава е прашање кое веројатно и натаму ќе остане мистерија. Министерот за труд и социјална политика, Џељаљ Бајрами во интервју за „Утрински весник“ изјави дека би било добро истражните органи да ги проверат посвојувањата во странство, но не кажа дека во Министерството веќе има такво барање од МВР и дека досега не е одговорено, барем не писмено.
Уште во јули Министерството за внатрешни работи писмено побарало од труд и социјала информации за посвоители од Италија, но, наместо писмен одговор, добиле усно уверување дека ако има некакви сомневања, надлежните ќе соработуваат со нивните колеги од Италија. Инаку, во Министерството за труд и социјала официјално тврдат дека воопшто не примиле такво барање.
Посвојувањата за чија (не)регуларност со години се зборува во јавноста остануваат вечна табу тема. Државните институции избегнуваат да зборуваат за тоа отворено, бидејќи наводно се работи за случаи кои не е лесно да се чепкаат поради нарушување на приватноста на кандидатите.
Писмото од МВР до Министерството за труд и социјала било испрат��но лани во јули и од тогаш владее молк во државните институции. За полицијата било индикативно тоа што странските семејства биле заинтересирани исклучиво за посвојување деца со хендикеп и на оние кои боледувале од тешки болести. Во писмото, како што тврдат од МВР, биле побарани податоци за посвоителите од Италија и за децата кои биле посвоени, како и нивните адреси на живеење. Целта на полицијата била да провери дали овие деца добиле топол дом или завршиле кај криминални групи. „Писмото е испратено врз основа на оперативна информација, со цел таа да се провери. Тогаш усно им било објаснето на надлежните во МВР дека посвојувањето деца се одвива меѓуинституционално и дека тие ќе контактираат со нивните колеги од Италија. А, ако има потреба за истрага, тогаш ќе не информираат повратно“, вели Иво Котевски од МВР. Тој додава дека за да се поведе истрага во најмала рака треба да има оштетена страна.
Во Министерството за труд и социјала засега се' останува на сомневањата на министерот Џељаљ Бајрами, кој потврди дека добил информации за злоупотреби со децата кои се посвојуваат во странство.
„Симптоматично за мене е што странците посвојуваат исклучиво деца со посебни потреби или од ромска етничка заедница. За мене беше чудно како е можно за тие деца да има интерес токму од странците. Добро би било да се вклучат истражните органи и да проверат каква е фактичката состојба на оние странски државјани што посвоиле деца. Токму тука можеби лежи можноста за злоупотреби од некои службеници. На пример, некое дете да било здраво и право, а да се запише дека тоа има карактеристики на дете со посебни потреби“, изјави Бајрами за „Утрински весник“. |