Попова Шапка во вистински сјај
Новиот снег - магнет за љубителите на планината и на скијањето
ТЕТОВО - Половина метар снег, разработени ски-лифтови и жичарници, голем број посетители, мирно време - тоа е сликата на најубавиот скијачки центар Попова Шапка. Новиот снег изгледаше како магнет за љубителите на планината и на скијањето. Колку што врнежите го отежнуваа движењето по терените, толку посетителите се радуваа на новата слика што се создаваше. Не само кон познатите патеки Езерино, Орлова, Церипашина, туку и кон другите повисоки предели, кон терените за масовно скијање и санкање, трите ратрака го нагазуваа и го набиваа снегот за да се задржи колку е можно подолго.
Снегот го постигна своето, Шапка е во вистински сјај. Хотелиерите се радуваат. Веќе се најавиле групни посети од Србија, Словенија, Косово и од Албанија. Убавините на планината за првпат ги доживува Антони Оливер од Мичиген - САД. „Имав слушано за Попова Шапка, но сега сум тука. На моменти е сончева и мирна, а има и периоди кога е дива. Овие карактеристики се својствени за планините, но и привлечни за нејзините поклоници“, вели Оливер.
На Попова Шапка втор пат доаѓа и Ричардс Мишел Џон од Лондон. Планирал да остане само два дена, но ќе продолжи уште три. „Не можам да и' одолеам на оваа убавина. Попова Шапка ја доживеав во неколку изданија, но со половина метар снег е најубава. Наредната зима пак ќе дојдам“, вели посетителот од Англија. (Г.Е.) |