Продаденото белгиско бебе предадено на полиција
БРИСЕЛ - Белгиско машко бебе, наводно, продадено од своите родители на холандска двојка е предадено на белгиските власти, изјавија официјални лица од холандската служба за заштита на деца. „Бебето е предадено на белгиските власти кои ќе одлучат што понатаму со него“, изјави портпаролот Кис Дијкман за новинската агенција АФП. „Бебето Џ“, наводно, било продадено во јули за неколку илјади евра. Холандскиот совет за заштита на децата ја обвини двојката за кршење на меѓународните права за посвојување.
Белгиската двојка од северниот град Гент веќе имала дете и се одлучиле да го продадат бебето во текот на летниот период, бидејќи не можеле да си дозволат да издржуваат две деца, објави Нетверк. Потенцијалните родители на бебето, кои наводно не можеле да имаат сопствени деца, стапиле во контакт со биолошката мајка на бебето откако виделе реклама на Интернет, и го зеле само неколку часови по раѓањето. Холандските медиуми тврдеа дека тие им платиле на биолошките родители од 5.000 до 10.000 евра. (Би-Би-Си)
|