Јушченко призна дека ставот за влез во НАТО го прави губитник
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
МОСКВА - Претседателот на Украина доживеа уште еден тежок политички пораз на свој терен во Киев. Виктор Јушченко во вторникот вечерта на големата „завршна“ годишна конференција за печат призна дека со своите ставови за влез во НАТО не може да победи на претседателските избори во 2010 година. Тој во вторникот доживеа вистински политички нокаут, бидејќи голем број граѓани го поддржаа прашањето: „Ве молиме кажете колку обичните граѓани треба да платат за вие со пратениците во парламентот и членовите на владата засекогаш да заминете од Украина?“ Тоа прашање го зазеде првото место на рејтингот на Интернет-корисниците, бидејќи за него гласаа повеќе од 80.000 луѓе.
„Очигледно е дека тоа прашање е провокација и дека било важно да се каже, а не да се добие одговор. Убеден сум дека две третини од луѓето кои го поддржаа прашањето се наоѓаат надвор од границите на Украина“, изјави Јушченко и додаде дека Украина е демократска држава, бидејќи може да се постави и такво прашање, што не е случај со другите соседни земји. Иако не ја спомна земјата, беше сосема јасно дека Јушченко мисли дека провокативното прашање е поставено од Русија.
Ирина Ваникова, прес-секретарката на Јушчанко, изјави дека поставеното прашање ги одразува интересите на руските корисници на интернет. На конференцијата за печат Јушченко одговараше на прашања на присутните новинари и корисници на интернет.
Организаторите на прес конференцијата, меѓу кои беше и „Кореспондент.нет“ многу брзо ја негираа вистинитоста на тврдењето на претседателот Виктор Јушченко и неговиот прес- секретар. Податоците од системот за статистичко посетеност на „гугл анализис“ покажуваат дека од Украина дури 82,38 отсто од посетителите на сајтот гласаа за заминување на Јушченко, а само 12,34 отсто од Русија. Статистиката овој пат покажа и каде Јушченко е најнепопуларен.
„Јас сфаќам дека со својата реторика не можам утре да победам, но тие зборови ќе победат задутре. Морам да зборувам така бидејќи со туѓа историја ние не можеме да изградиме слободна Украина...Ако вие на своите деца сакате да им оставите стабилна држава со цврст суверенитет морате да го прифатите моделот што го прифати секоја држава во Европа. Со тие зборови не можам да ги добијам изборите, но може достојно да се проживее“, изјави Јушченко. |