Обама ослободен од сомнение околу случајот со Благоевиќ
ВАШИНГТОН - Новоизбраниот претседател Барак Обама и најблиските помошници беа интервјуирани од страна на иследниците кои спроведуваат истрага околу гувернерот на Илиноис, Род Благоевиќ, меѓутоа во интерниот извештај објавен во вторникот тие беа ослободени од сомневање дека сториле нешто лошо. Благоевиќ е вплеткан во истрага за корупција, поради што преодниот тим на Обама се обиде да го дистанцира новоизбраниот претседател од гувернерот вклучен во скандал.
Меѓу обвиненијата со кои се соочува гувернерот е и тоа дека тој се обидел да му го продаде на Обама неодамна ослободеното место во Сенатот. Тој ги негира обвиненијата и одбива да поднесе оставка. Во извештајот обелоденет во вторникот се наведува дека Обама, неговиот шеф на кабинет Рам Емануел и блискиот пријател Валери Џерет, кој првично изрази заинтересираност за пополнување на испразнетото место, минатата недела одделно беа интервјуирани од страна на јавниот обвинител како дел од кривичната истрага за Благоевиќ.
Од кабинетот на јавниот обвинител при објавувањето на обвиненијата против Благоевиќ овој месец посочија дека Обама на никаков начин не бил вплеткан во тоа. Во интерниот извештај се наведува дека Обама немал никаков контакт или комуникација со Благоевиќ или членови на неговото опкружување околу испразнетото место во Сенатот. Во извештајот, во кој се изнесени детали околу контактите меѓу членовите од најблиското опкружување на Обама и луѓе од канцеларијата на Благоевиќ, се заклучува дека нема индикации дека е сугериран некаков договор „услуга за услуга“ околу работата ниту, пак, дека е размислувано за тоа од некого од опкружувањето на Обама. „Во истрагата беше утврдено дека немало ништо несоодветно околу тие конверзации“, изјави новиот јавен обвинител Грег Крег пред новинарите. Крег нагласи дека Емануел е единствената личност во преодниот тим што имал директен контакт со Благоевиќ или член на неговото опкружување и наведе дека „тие контакти биле во целост соодветни и прифатливи“. (Ројтерс)
|