Економската криза најави мрачен Божик во Лондон
Британскиот главен град и целата земја не се разликуваат многу од сликата што ја нудеа минатата година
Од нашиот дописник Томислав Ивановски
ЛОНДОН - Гледано со очите на милионите странци и туристи што го имаат преплавено Лондон во деновите пред овдешниот Божик и претстојните новогодишни празници, дојдени на одмор или повеќе на шопинг, привлечени од драстичниот пад на фунтата, британскиот главен град и целата земја не се разликуваат многу од сликата што ја нудеа минатата година и годините пред тоа. Дури оваа зима впечаток е дека главните лондонски трговски улици „Оксфорд“ и „Риџент“ изгледаат и пошарени, посветли и многу побогато украсени за празниците отколку во претходните сезони, додека милиони Британци и овој пат ги „ловат“ последните денови за купување на задолжителните божикни подароци за родните и пријателите, а (заедно со дојденците од странство) се втурнати во набавка на поевтина стока, затоа што трговците, како ретко кога досега, со намалувањата, кои традиционално почнуваат по божикните празници, овој пат почнаа уште од крајот на ноември.
Лондонските папараци и репортерите кои се занимаваат со животот на славните и познатите оваа година го уловија Елтон Џон како на својот животен партнер Дејвид Фариш му купува златен брош, но ја фатија и остарената ѕвезда Џоан Колинс како првпат излегува од пазарење во самопослуга за „обичниот“ свет, потоа милионски платената манекенка Кејт Мос како купува божикни подароци, и тоа не во најскапите продавници и стоковни куќи, туку таму каде што цените се неспоредливо пониски од оние каде што оваа британска ѕвезда обично пазари. Колку е тоа одраз на вистинската промена на духот кај некои од славните или, пак, е само обична поза за да бидат забележани, во случајов и не е толку значајно, колку што се искористи тоа откритие за да се илустрира поневеселиот карактер на овој Божик во Британија.
Луѓето и годинава се растрчани да купуваат, особено последниве две-три недели. Во еден викенд градските власти на Лондон ги затворија за сообраќај двете главни трговски улици и овозможија над два милиона луѓе во двата дена да потрошат повеќе од 150 милиони фунти. Уште толку луѓе беа привлечени во последниот викенд во лондонската шопинг-зона во центарот кои, како што велат, потрошиле нови 100 милиони фунти, откако дури и најрепрезентативните стоковни куќи првпат решија да отвораат уште во седум часот наутро, а да затвораат (некои) и по 22 часот, нудејќи намалувања на цените до 50 отсто и уште цела низа разни други бенефиции и олеснувања, особено кога станува збор за техничката стока и мебелот. Предбожикната потрошувачка треска (според признанието на луѓето), меѓутоа, сега е повеќе насочена кон тоа да се потроши помалку и да се купи поевтино, користејќи го и екстранамалението што го објавија повеќе трговски фирми кои отидоа во банкрот, се наоѓаат под принудна управа или се во тешка финансиска криза. А тоа ја покажува таа разлика од претходните години, кога јавноста, наместо кој купил поевтино, бележеше кој купил поскап подарок и повеќе потрошил при пазарењето.
Таа променета ситуација на која постојано се укажува, сепак, може да ја забележат само Британците кои оваа зима се исплашени како никогаш досега во изминатите десет години на континуиран растеж и во секој случај се незадоволни од состојбите во домашната економија, од кризата што може да зафати многу семејства и чиј крај не може да го предвиди никој. Луѓето секојдневно се опкружени со црни вести, па штотуку се помирија со исчезнувањето на трговската компанија „Вулвортс“, стара сто години, која некогаш имаше свои продавници и во Европа и во Америка, над 800 продавници низ Британија и речиси 30 илјади вработени, кои сега остануваат на улица, а веќе разбраа за крахот на мрежата големи продавници за мебел МФИ, која остана должна за неиспорачаниот мебел на илјадници Британци што платиле однапред, како и за одењето под принудна управа на фирмата за порцелан, чаеви и кафе „Витарад“, стара над 120 години, заглавена со исландската фирма „Баугур“, која пропаѓа под притисок на крахот на банките во Исланд. Познавачи на состојбите во британската економија велат дека уште 15 други што се означуваат како угледни фирми, присутни на престижните шопинг-зони во градот и во Британија, по божикните празници и во текот на јануари ќе се најдат под принудна управа, а доколку не се најде купувач и санатор во краток рок, тие ќе пропаднат, оставајќи без работа уште повеќе луѓе.
Сите тие сега морничаво настојуваат да продадат колку што е можно повеќе, спуштајќи ги цените и до незамисливи 70 отсто за некои видови производи за да може да дојдат до толку потребните свежи пари и до зачувување на ликвидноста, покажувајќи ја на тој начин паниката што владее на „главните улици“ и меѓу домашниот бизнис. Продажбата на нови автомобили е помала за речиси 40 отсто, а луѓето не брзаат да купуваат ниту половни возила, иако бензинот се врати на цените што ги имаше пред една и повеќе години. Погоните на „Хонда“ и на БМВ ги испратија своите работници на подолг рок до почетокот на февруари. „Јагуар“ и „Ленд ровер“, иако купени од индискиот гигант „Тата“, бараат помош од владата, по примерот на она што го направија Американците со фабриките во Детроит. Британија сега е соочена со два милиона невработени, со пад на пазарот на недвижен имот, станови и куќи за 15 отсто, со милиони штедачи оштетени откако основната камата се спушти на само 2 отсто, со исчезнување на пензионерските заштеди и со армија млади за кои (моментно) нема перспектива.
Мачната слика на денешната предбожикна реалност го натера поглаварот на Англиканската црква, Роуан Вилијамс, да го предупреди премиерот Гордон Браун дека без водење сметка за ваквите состојби, а особено за високата цена што ќе ја платат милиони обични луѓе во процесот на санирање на домашната економија, општеството целосно ќе го загуби основниот морален компас. Надбискупот од Кантербери забележува дека политичката филозофија на владата и на премиерот за зголемено задолжување и интензивно трошење е како зависност од дрога и дека ако не се поведе сметка за поединечните вредности и потреби на секој човек, Британија би можела да заличи на времето на нацистичка Германија и нејзината „формула“ за спасување на земјата од тогашната криза. Најновата анкета покажува дека првпат и гласачите и' вртат грб на прокламираната определба за повеќе трошење, задолжување и до повисоки даноци. Дури 49 отсто од Британците сега повеќе верува во потребата од штедење, чување на парите и до намалување на државните трошоци, зашто само така ќе може да се намалат даноците што сите овде ги посакуваат. |