Кражба на столетието во Париз
Од златарница на авенијата „Монтењ“ украдени скапоцени камења во вредност од 80 милиони евра
ПАРИЗ - Вооружени крадци извршија една од најголемите кражби на накит во светот, во позната продавница во Париз, и побегнаа со дијаманти и скапоцени камења во вредност од 80 милиони евра, соопштија вчера иследниците. Четворица крадци во четвртокот го украле речиси целиот накит што бил изложен во златарницата „Хари Винстон“ на авенијата „Монтењ“, која привлекува богата меѓународна клиентела надвор од Елисејските Полиња.
Кражбата била добро испланирана, јави извор од истражниот тим за агенцијата Франс прес. Крадците ги знаеле имињата на некои од вработените во продавницата и местото на некои скриени кутии за накит. Двајца од четворицата крадци биле маскирани како жени и успеале да го избегнат мошне безбедносниот систем за надгледување и да влезат во бутикот во четвртокот во 16,30 часот, во екот на празничната сезона за шопинг. Користејќи оружје, тие им се заканиле на некои од десетината вработени и муштерии и ги собрале во еден агол, додека дел од персоналот претрпел удари, тврдат иследниците.
Кражбата првично беше проценета на над 62 милиони евра, но вчера изутрина податоците беа коригирани на 80 милиони евра, поради што е досега најголема кражба на накит во Франција.
Полицијата соопшти дека имаат работа со „големи професионалци“ кои прецизно го планирале делото и добро го познавале распоредот на златарницата, што укажува дека можеби се работи за внатрешен случај. Крадците кои, наводно, зборувале француски, собрале брошеви, прстени, ѓердани и други украси во торбите и брзо заминале, без да истрелаат куршум.
Не се исклучуваат никакви можности, вклучувајќи дека крадците можеби имале врски во Источна Европа каде што пленот би можел да се продаде, спротивно на Западна Европа, каде што таква украдена стока со висока вредност брзо би била откриена. Полицијата го опиша источноевропскиот пазар како „нов елдорадо за трговците“ кои се обидуваат да се ослободат од украдената стока. Полицијата вчера ги сослушуваше муштериите, вработените и случајните минувачи во обид да дојдат до заклучоци.
„Хари Винстон“, златарница која е специјализирана за ултралуксузен накит, беше ограбена во октомври минатата година, кога вооружени крадци украдоа вредни предмети од околу 10 милиони евра. Осигурителната компанија понуди награда од 500.000 долари за информации што ќе доведат до апсење на крадците, но тие не беа пронајдени.
Синџирот американски златарници има продавници низ целиот свет, продава скапоцени камења на кралските семејства, и им најмува на филмските ѕвезди за настани како што е Канскиот филмски фестивал или доделувањето на оскарите во Холивуд.
Белгија го држи рекордот за најголемата кражба на накит во светот, кога дијаманти во вредност од 100 милиони евра или повеќе беа украдени на 14 февруари 2003 година во Антверп. Ѓердан во вредност од 1,8 милиони евра беше украден во јуни 2001 година од продавницата „Александре Реза“ во Кан на француската ривиера, а еден месец подоцна следеше кражбата во продавница на „Ван Клиф енд Арпелс“ во истиот град, во вредност од 3,8 милиони евра. Меѓу другите познати кражби, три продавници во Париз беа ограбени во октомври 2001 година од лажливец кој се претставуваше како богат кувајтски емир, кој успеал да побегне со накит од 2,2 милиона евра. (АФП) |