Број 2856  сабота, 06 декември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Свет

Почина поглаварот на Руската црква Алексиј Втори

Македонија и МПЦ имаа пријател во рускиот патријарх

МОСКВА - Поглаварот на Руската православна црква, патријархот Алексеј Втори (79) почина, јавија претставници на Црквата. Патријархот почина вчера изутрина, јави Црквата за Би-Би-Си. Тие не наведоа причина за смртта, во неговата резиденција во близина на Москва, но тој боледуваше извесно време. Се' уште не е утврден датум за погребот.

Алексиј Втори беше заслужен за обновување на моралниот авторитет на Руската православна црква, по неколкудецениска репресија под комунизмот. Сепак, односите со Римокатоличката црква останаа заладени и тој повеќе пати одбиваше да се состане со починатиот папа Јован Павле Втори, или со неговиот наследник, Бенедикт Шеснаесетти.

Руската православна црква опфаќа речиси 70 отсто од населението на Русија - околу 100 милиони луѓе - во нејзиното членство.

Рускиот премиер Владимир Путин изјави дека смртта на поглаварот на Руската православна црква, патријархот Алексиј Втори е „трагичен настан и огромна загуба“ за Русија.

Поради смртта на патријархот, рускиот претседател Дмитриј Медведев ја одложи утрешната посета на италијанскиот град Бари. По завршувањето на официјалната посета на Индија, Медведев вчера се врати во Москва.

Дописникот на Би-Би-Си од Москва јави дека патријархот бил мошне почитувана личност. Поранешниот советски лидер Михаил Горбачов рече дека е шокиран поради неговата смрт. „Длабоко го почитував“, рече тој.

Алексиј Втори стана поглавар на Руската православна црква во 1990 година, кратко време пред распаѓањето на Советскиот Сојуз. Во новата ера на обновена слобода и влијание, Црквата доби истакната улога, обновувајќи го националното самопочитување и моралност во постсоветскиот период, јавува дописникот. Алексеј Втори инсистираше на правото на Црквата да биде единствена национална Црква на Русија. Тој ги врати растурените разграноци на Руската православна црква под контрола на Московскиот патријархат.

Роден во 1929 година како Алексиј Ридигер, во руско православно семејство кое живеело во Естонија, идниот патријарх брзо се издигна во редовите на Црквата, по студиите по теологија во Санкт Петербург. На 32-годишна возраст беше епископ, а на 35 архиепископ. Откако се пресели во Москва работеше како главен администратор на патријархот и заменик-шеф на одделот на Црквата за надворешни работи. Додека ја извршуваше втората функција наиде на многу критики поради, како што сметаа многумина, неговата непоколеблива послушност на диктатите од советската надворешна политика. Приврзаниците тврдат дека тој едноставно даваше се' од себе да добие отстапки за неговата прогонувана Црква.

Како патријарх тој ја приближи православната црква до политичките кругови, често пати посетувајќи го Кремљ и поддржувајќи ги неговите надворешнополитички ставови.

Една причина за неговите разлики со Католичката црква беше спорот околу територијата што Грчката католичка црква ја одзеде од православната црква во Украина во почетокот на деведесеттите години . Тој, исто така, ја обвини Католичката црква за мисионерска активност во традиционалните православни области и ја блокираше долгогодишната намера на папата Јован Павле Втори да ја посети Русија. Минатата година Алексиј Втори претседаваше со заедницата во која учествуваше разгранок од Руската православна црква чии членови побегнаа во странство за да ја избегнат болшевичката револуција. (Би-Би-Си)

Македонија и МПЦ имаа пријател во рускиот патријарх

Билјана Јовановска

Со чукање на камбаните на 600 московски цркви, како што налагаат каноните на Руската православна црква за вакви моменти, вчераутро беше огласена смртта на патријархот московски и на цела Русија, г. Алексиј Втори. Верскиот лидер на над 130 милиони Руси, во јавноста последен пат беше виден завчера во Кремљ каде што служеше литургија, а во вторникот, на 2 декември, го посети храмот „Свети Николај“ на Руската задгранична црква во Минхен. Неговото доаѓање таму беше примено како позитивен сигнал кој оди во полза на смирувањето на двете раскарани струи, но, за жал, ова беше и негова последна мисија.

Иако хиерархиски рускиот патријарх беше второрангиран во православието, пред него е вселенскиот Вартоломеј, г. Алексиј Втори уживаше исклучителен углед не само во својата земја, туку и во огромен дел од православниот свет. Заради нерешениот статус на Македонската православна црква тој никогаш лично не ја посети Македонија, но затоа ги испрати клучните луѓе на Руската православна црква.

Пред неколку години, со благослов на патријархот, гостин на нашата Црква беше митрополитот смоленско-калининградски г. Кирил Гундаев, своевиден црковен министер за надворешни работи на Московската патријаршија, кој направи вистинска снимка на функционирањето на Македонската православна црква, ги посети древностите на Охрид и неколку други значајни цркви и манастири.

Не беше случајност што г. Кирил, кој сега важи за најсериозен наследник на починатиот патријарх Алексиј Втори, во таа пригода отиде и во Белград, односно во Српската православна црква. Меѓутоа, и традиционалното руско-српско пријателство тогаш не можеше да го смени впечатокот на г. Кирил дека на овие простори верниците ја признаваат единствено Македонската православна црква, која има свој полн црковен живот, монаштво, живи манастири и се' што и' прилега на Црквата- наследничка на древната Охридска архиепископија.

Со други зборови, и од прва рака се увери дека овде нема ни место, ни клима, ни народ кој прифаќа паралелни ерархии. Наметнатата парацрковна инсталација од Белград, како составен дел на Српската православна црква, се виде дека е пропаднат проект, кој не само што не може да го реши деценискиот проблем туку и го искомпликува. Тогаш, од црковен Белград до Скопје стасаа фрагменти од разговорите на врвот на СПЦ со рускиот митрополит кој отворено изразил скепса во однос на т.н. црква на Вранишковски. Бил толку директен што на српскиот црковен врв му рекол оти „со еден архиепископ и неколкумина негови истомисленици“ не може да се реши спорот стар над четири децении.

До посетата на г. Кирил на МПЦ, за волја на вистината, патријархот Алексиј Втори имаше многу поинаков став во однос на црковниот спор. При една посета на српскиот поглавар Павле и неколкутемина митрополити на Москва, серускиот патријарх, како што се покажа, бил вешто изманипулиран дека зад Вранишковски стојат небаре половина македонски верници, а не едвај сто луѓе.

Во интервјуто за „Утрински весник“, објавено непосредно по приклучувањето на Вранишковски на СПЦ, г. Алексиј Втори дури и изјави дека „тој е единствениот признат епископ во Македонија“. За среќа, првиот руски духовник многу брзо ја смени реториката и отворено се залагаше за продолжување на дијалогот и, што е многу важно, беше против формирање на паралелни цркви.

Факт е дека рускиот патријарх во Македонија и во Македонската православна црква испрати и уште двајца важни претставници од својата Црква - г. Алфеев, епископ на РПЦ во Австрија, и Николај Балашов, близок соработник на рускиот митрополит Кирил, кои создадоа и пријателски врски со македонските владици.

Г. Алексиј Втори, несомнено, и' беше наклонет на нашата Црква и во рамките на своите можности (зашто МПЦ се' уште нема статус на призната црква) имаше свој позитивен удел во две важни работи. Прво, и покрај нарушените односи со вселенскиот патријарх Вартоломеј, кого со години не го спомнуваше во литургиите, првиот духовник на РПЦ се заложи српскиот поглавар Павле во Цариград да не го добие бараниот потпис на томосот за „автономната ПОА“ на Вранишковски. Подоцна, кога СПЦ од петни жили ја туркаше безумната идеја да ги „расчини расколниците во Македонија“, повторно до израз дојде разумниот став на г. Алексиј Втори.

Се' на се', Македонската православна црква и македонскиот народ, во серускиот и московскиот патријарх имаа вистински поддржувач. Објективно, тој не доживеа да го види обновувањето на дијалогот меѓу СПЦ и МПЦ за кој се залагаше, но бидејќи станува збор за сериозна и исклучително влијателна Црква, малку веројатно е дека по заминувањето на г. Алексиј Втори, РПЦ ќе ја смени политиката спрема македонското црковно прашање.


Статијата е прочитана 853 пати.

Испрати коментар

Од: од мене
Датум: 06.12.2008 04:44:36
Ве молам пишетеги правилно имината на градот,саинт,а некако вие имате поставено Санкт ,тоа е исто светец град зошто велите свети Николај а не Свети Петербург
Од: AlexMKD
Датум: 07.12.2008 00:47:02
коментаров погоре ја потврдува сеопштата неписменост која владее на нашиве простори. Санкт Петерсбург е име на град како такво, и така се вика и кај нас и нема врска со Свети или светители, а порано се викал и Петроград. Како што Скопје е Скопје а не Scopia, Scupi, Ushkub, Shkup....
Од: marjan
Датум: 07.12.2008 07:52:45
So ti e be tebe!!!! Ako ti samiot znaes so napisa...
Од: kiril1
Датум: 07.12.2008 09:36:21
Jas ne znam sto povece Makedonija ocekuva od Rusija.Da dojdat i da ne molat?Nitu politickiot vrv, nitu crkovniot ne napravija nisto.Kako da se od Mars padnati.Vsusnot okoto im e nasoceno kon Zapad, a cekaat problemite nekoj od Istok da gi resi, cudno i nesvatlivo.Kulturnata, jazicnata i crkovnata slicnost nisto ne im znacat na makedonskite politicki i crkovni vlasti.Edrata nasoceni se na drugi vetrista, do koga i kade ce se stigne?

Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Свет
Полицијата насила истера еврејски доселеници од Хеброн
Путин до 2012 нема амбиции за Кремљ
Кражба на столетието во Париз
Имало безбедносни пропусти во Мумбаи
Брод за крстосување со 122 патници се заринка на Антарктик
Десет години затвор за курдски политичар
„МИГ 29“ се урна во Сибир
Меркел без покана за средба во ЕУ