Полицијата насила истера еврејски доселеници од Хеброн
ХЕБРОН - Израелските сили евакуираа околу 200 еврејски доселеници од спорниот објект во главно палестинскиот град Хеброн во Западен Брег. На снимките на израелската телевизија се гледаа полицајци како извлекуваат доселеници од зградата. Во операцијата беа инволвирани стотици полицајци. Доселениците одбија да го напуштат објектот, пркосејќи и' на тој начин на одлуката на израелскиот Врховен суд. Доселениците подоцна нападнаа припадници на израелските безбедносни сили и Палестинците. Операцијата за отстранување на доселениците беше завршена за околу 20 минути, изјави портпаролот на израелската армија, мајорот Авитал Леибовиц.
Војниците и полицајците формираа кордон околу зградата за да ги спречат доселениците повторно да се вратат во своите домови. Околу 30 доселеници се здобија со полесни повреди, додека тројца полицајци беа повредени бидејќи на нив беше фрлано со камења и храна. Израелските медиуми објавија дека на еден полицаец му било испрскано киселина в лице. Доселениците подоцна запалија автомобили и имот на Палестинци. Осуммина Палестинци беа повредени, некои од нив од огнено оружје. Четворица доселеници подоцна беа уапсени, а повеќе од 20 од нивните поддржувачи во Ерусалим беа однесени во притвор.
Претходно, израелскиот министер за одбрана Ехуд Барак имаше средба со доселениците. Операцијата уследи по неколкудневните пресметки со камења меѓу доселениците и Палестинците. Стотици поддржувачи и активисти ја блокираа областа за да ја изразат нивната солидарност со доселениците.
Официјални лица од израелското Министерство за одбрана изразија стравувања дека тензиите во Хеброн ќе се пренесат и на други области во Западниот Брег окупиран од Израел. Спорна е сопственоста на објектот, познат од страна на доселениците како „куќа на мирот“. Доселениците посочија дека го купиле објектот од сопственикот Палестинец за речиси еден милион долари, меѓутоа, тој посочи дека се повлекол од договорот. Израелскиот врховен суд донесе одлука објектот да биде испразнет од жителите додека друг суд не донесе одлука кој е сопственик.
Министерот Барак изјави дека објектот ќе биде даден на чување на израелската армија додека не се реши спорот. Доселениците ја осудија воената акција. „Ова можеше да се направи на мирен начин и легално. Наместо тоа, Барак се одлучи за насилство“, рече Дани Дајан, лидер на Советот на доселеници, Јеша. Тоа беше најзначајна борба меѓу тврдокорните доселеници и еврејската држава во последниве три години. Објектот се наоѓа на стратешки важна позиција меѓу еврејските доселеници во Хеброн и значаен религиозен објект, свет како за Евреите така и за муслиманите.
Околу 600.000 доселеници живеат во градот, а неколку илјади други во околните населби. (Би-Би-Си) |