Стефанов: Среќен сум што можам да ве погледнам в очи
Кошаркарите задоволни од настапот на ЕП во Полска, но тврдат дека оваа генерација не го кажала последниот збор
Наум Котевски
„Гледајте само колку кандидати има за нов капитен“, кажа Врбица Стефанов лежерно завален во фотелјата во фоајето на хотелот „Континентал“ покажувајќи со раката кон Антиќ, Самарџиски, Гечевски....
Само неколку минути подоцна во салата за прес-конференции таа позитивна атмосфера се претвори во посериозна анализа на она што значи освоеното 10. место на кошаркарската репрезентација на Македонија на ЕП во Полска.
„Среќен сум што можам да ве погледнам во очи. Го исполнивме тоа што го очекувавме. За крајот на мојата кариера посакав да играме во втората фаза на Европското првенство и горд сум што тоа успеавме да го направиме. Секогаш може повеќе и се надевам дека оваа генерација кошаркари го нема кажано последниот збор“, со многу емоции зборуваше лидерот на тимот во Полска, додавајќи дека веројатно ќе остане во македонската кошаркара, но не ја прецизираше неговата наредна улога.
Иако, Предраг Самарџиски, кој се појави со освежена фризура, залижан во италијански стил, па во шега младиот Соколов го нарече Скариоло (н.з селекторот на Шпанија), обично на теренот е во рекетот пред Врба, сега беше седнат лево до него, па лесно му беше да го прегрне и гласно да каже: „Му благодарам на овој човек. Среќни сме што го имавме покрај себе и што успеавм�� да му ја продолжиме кариерата за три меча. Ќе беше идеално да му подаревме уште еден меч, но ете немавме среќа со Русија и не се пласиравме во четвртфиналето“, искрено зборуваше нашиот највисок кошаркар Самарџиски.
Претседателот, пак, на Македонската кошаркарска федерација Даниел Димевски, го оцени пласманот на 10. место како успех, напоменувајќи дека тука не треба да се застане, туку со систематски промени во клубовите нашата амбиција во иднина да биде да станеме кошаркарска велесила.
„Во Полска разговаравме со многу скаути, менаџери, тренери. Сите беа едногласни дека Македонија има квалитет. Ние бевме убедливо најевтината екипа на ЕП, а таков ни е и буџетот на Федерацијата. Оттаму резултатот е респектабилен. Овие момчиња издржаа голем притисок. Очекувањата беа големи, но на крајот може да кажеме дека се вративме со крената глава“, смета Димевски, кој ја прокоментира и изјавата на Јовица Арсиќ од Полска, во која кажа дека си заминува од кормилото на репрезентацијата.
„Тој има уште една година од договорот. Кога ќе дојде од Катовице каде што ја следи завршницата на ЕП ќе седнеме и ќе разговараме. Шансите се 50:50 за негово останување и заминување. Лично сметам дека тој е добар селектор. Успеа да ги обезбеди сите кошаркари, а тоа гледате и во другите репрезентации не е лесна работа. Коректно ја одработи својата задача и на ЕП, а таму успеа да извлече на површина тројца млади играчи“, смета Димевски.
На крајот од дружбата на новинарите и репрезентативците директорот на универзитетот „ФОН“, Сефер Цаноски, кажа дека оваа образовна институција обезбедила фонд од 45.000 евра за сите оние репрезентативци кои сакаат да се запишат на факултетот, или пак, да бидат дел од постдипломските и докторантските студии. Кој ли ќе биде првиот што ќе седне во универзитетските клупи?
|