Србија и Шпанија си поиграа кошарка со Русија и со Франција
Првите две полуфиналиња беа неинтересни бидејќи Русија и Франција не ни беа на терен
Кошаркарите на Шпанија и на Србија се првите полуфиналисти на ЕП во Полска. Србија си поигра кошарка со Русија (79:68), а истото тоа неочекувано Шпанија го направи, со, до завчера, непоразената Франција (86:66).
Србите одиграа онака како што треба со Русија. Тотално го неутрализираа центарот Мозгов и се им беше полесно. Најефикасни беа Трипковиќ со 18 и Перовиќ и Величковиќ со 13. Одлучувачка беше втората четвртина, која Србија ја реши во своја корист со 20:4. „Тоа беше добар, но тежок меч. Но на крајот сосема заслужено победивме. Им честитам на моите кошаркари, а посебно би ја истакнал добрата игра во одбраната, особено во клучната втора четвртина“, изјави селекторот на Србија Душан Ивковиќ и додаде: „Основната цел е постигната, а сега се е можно. Неопходно е играчите да се одморат до саботниот дуел. Ќе видиме кој ќе ни биде ривал Словенија или Хрватска“, порача Ивковиќ.
Свој поглед на играта на Србија даде и Жељко Обрадовиќ, кој со европскиот првак Панатинаикос се наоѓа на подготовки на Златибор.
„Дуда е мој кум, секојдневно се слушаме на телефон. Тој очигледно ги доведе работите во ред. Тимот игра одлично, се гледа дека има добра атмосфера. Секој играч го дава максимумот. Тоа е најважно на вакви турнири“, смета Обрадовиќ.
Во второто полуфинале Шпанија тотално ја надигра Франција. Сите кои по мечот од 1.коло кога Шпанија загуби од Србија велеа дека „црвената фурија“ уште се навикнува на „полската клима“ беа во право. Шпанците од меч во меч напредуваат и заслужено и натаму се главни фаворити за титулата. Французите, без претерување, завчера немаа никаква шанса. Тоа се виде уште во првата четвртина, по која губеа со 15:25. Нивната немоќ под кошот, каде царуваше По Гасол (и во одбраната и во нападот) беше претворена во изнасилен удар за три. Но, Паркер и друштвото и во тој елемент беа загубени.
Шпанците посебно брилјираа во третата четвртина, кога во еден момент имаа и плус 23. Тогаш практично и беше одлучено кој ќе оди во полуфиналето против Турција или Грција (играа вчера).
Покрај Гасол на високо ниво одигра и Руди Ферандез, кој реализираше 16 коша, како и Наваро кој п��стигна 11. Кај Франција единствен со двоцифрен број поени беше Туриаф со 12. Паркер постигна само шест коша, а повеќе од времето го трошеше на расправа со објективните судии. „Гасол е еден од најдобрите во светот. Тука нема сомнеж. Наваро е одличен шутер, па не можете премногу да помагате на Гасол“, изјави Диао.