Нискиот лет бил кобен за „цесната“
Непридржувањето на висината на летање се посочува како една од главните причини за авионската несреќа кај Охрид
Непридржувањето на висината на летање одобрена од страна на Контролата на летање е една од главните причини за авионската несреќа кај Охрид, во која се урна „цесна“, при што загинаа четири лица.
Ова се првичните резултати од истрагата спроведена од страна на комисијата што беше формирана за да ги утврди причините за падот на малиот спортски авион, кој имал панормалски лет над Охридско.
Како што дознаваме, тимот експерти од Управата за цивилно воздухопловство вчера го подготвуваа извештајот, кој најдоцна до среда ќе биде обелоденет во јавноста. Нивните првични сознанија укажуваат дека авионот ја изгубил силата и бил оневозможен нормално да лета поради повеќе фактори.
Премногу ниското летање на авионот на височина од 50 метри, место вообичаените 300 метри кои му биле одобрени од Контролата за летање, како и преоптовареноста на авионот во кој се наоѓале пилотот и тројца патници и полниот резервоар со гориво, придонеле за урнувањето на „цесната“.
Дополнителен проблем бил и планинскиот терен над кој надлетувал авионот, во чија долина се наоѓа црквата „Успение на пресвета Богородица“ во месноста Скребатно кај Охрид.
Во несреќата која се случи на празнувањето на христијанскиот празник Голема Богородица на 28 август животот го загубија пилотот Славчо Ѓорѓиев, Ѓорѓи Ристевски, сопственик на хотел-ресторанот „Ловец“, неговиот сват Јонче Савевски и Гоце Тасевски, вработен како угостител во ресторанот „Ловец“.
Првичните индиции укажуваа дека пред падот на авионот не биле забележани физички оштетувања, чад или пламен. Звукот на моторот не укажувал дека има некакви аномалии или дека нешто друго не е в ред со моторот.
Според очевидци, авионот имал еден неуспешен обид да фрли летоци со кои газдата на „Ловец“ им го честитал празникот на верниците. Летоците завршиле во околната шума, по што авионот се спуштил пониско и направил нагло свртување, при што биле испуштени повторно летоците. Тогаш се случило кобното паѓање на авионот, кој со тркалата удрил во паркирано „фиќо“, во кое, за среќа, немаше повредени.
Комисијата која ги утврдува причините за несреќата ги разгледуваше видеоснимките направени на самото место кои покажуваат дека авионот сам од себе го менува правецот на движење. Споре�� нашите извори од Управата за цивилно воздухопловство, станува збор за „превлечен лет“, кога авионот е доведен на граница нормално да лета. Што довело до ваквата појава се очекува да биде разјаснето деновиве. (Д.Т.)
|