Нашиот претставник Евгениј Поп Ацев пливаше надвор од едночасовниот временски лимит во однос на победникот
Италијанецот Валерио Клери и Германката Ангела Маурер победија во вчерашниот пливачки маратон на 25 километри на светското првенство во Рим во кој учествуваше и Евгениј Поп Ацев, но зад името на нашиот претставник стоеше ОТЛ (out of time limit).
Организаторите на мундијалот се откажаа да го мерат времето на Поп Ацев од проста причина што македонскиот маратонец не успеа да запази едно од правилата за ваков тип на трки. Според ФИНА времињата на пливачите се мерат до еден час по влегувањето во целта на победникот. Поп Ацев тоа не го стори вчера крај Рим. Клери победи со резултат 5:26,31 часа, второто место го освои Трент Гримси од Австралија (+19,1 сек.), до бронзениот медал доплива Русинот Владимир Дјачин (+2:57,7 мин.). Египќанецот Адел Ел-Бехари беше последниот пливач на кого му се мереше време и кој обезбеди пласман. Патеката од 25 километри ја преплива со 27:28,7 минути послабо време од Клери, а Поп Ацев го немаше никаде и по половина час од Ел-Бехари.
Во стартната листа на 25 километри имаше 23 натпреварувачи. Двајца од нив воопшто не стартуваа (Диего Монтеро Ногера од Шпанија и Мазен Метвали од Египет), еден не ја заврши трката (Мохамед Јасиб Алгареб од Јужна Африка), додека еден беше дисквалификуван (Алекс Мејер од САД).
Кај дамите победи Германката Ангела Маурер со време 5:47,48 часа, втора беше Ана Уварова од Русија (+3,9 сек.), трета Италијанката Федерика Витале (+4,7 сек.).
Велковски на 104. место на 100 метри градно
Филип Велковски оствари 104 време во конкуренција на 142 натпреварувачи на 100 метри градно на СП во Рим. Вчера во квалификациите тој исплива 1:08,34 минути, резултат што е за 9,36 секунди послаб од оној на Брентон Рикард, најдобриот во оваа дисциплина вчера во Рим.
Ако е мојата евиденција точна, резултатот на Филип Велковски на 100 м градно е нов државен рекорд во сениорска конкуренција, што, и покрај слабиот пласман, претставува значаен успех. Претходниот рекорд го држеше прославениот македонски пливач Александар Миладиновски. Сепак треба да се провери кај техничкиот секретар на пливачката федерација на Македонија, Борче Блажевски.