Потезите на Илчо Ѓорѓиоски го изнервираа Николовски

Досегашниот претседател на жолтите бил против заминувањето на Де Брито и Оса
Миодраг Мицковиќ
Оставката на местото претседател на клубот и главен спонзор на шампионот на нашата држава, Македонија, Благоја Николовски, по најголемиот успех на клубот од Ѓорче Петров, беше неочекувана речиси за сите љубители на фудбалот и вест на денот. Преку ноќ човекот за чие име се поврзани сите најголеми успеси на Македонија си заминува, наводно од презафатеност на работното место, без некое поконкретно образложение за овој негов потег пред стартот на новото првенство во кое ѓорчепетровци ја бранат заслужено освоената прва титула во својата историја. Многумина не веруваат дека презафатеноста на работното место и заситеноста од фудбалот се главни причини за заминувањето на Благоја Николовски од челната функција на Македонија. Се обидуваат да ја дознаа вистината за овој негов потег.
Добрите познавачи на приликите во клубот веруваат дека Николовски бил разочаран од некои последни настани во прволигашот од Ѓорче Петров, особено од последните потези што ги имаа повлечено тренерот Илчо Ѓоргиевски и целиот Стручен штаб. Не е тајна дека Николовски бил мошне лут по поразот во финалето на Купот од Работнички кога ѓорчепетровци загубија на пенали, не се согласуваше првиот стрелец на екипата Бразилецот Де Брито да добие исписница заедно со Нигериецот Оса кои беа столбови на тимот во изминатото првенство. Меѓутоа, не сакал да ја оспори одлуката на тренерот Ѓоргиевски тие двајца да си заминат од ФК Македонија бидејќи тој не сметал повеќе на нив. Со еден збор, ја почитувал одлуката на тренерот иако бил против неа, особено пред средбите со Бате Борисов.
Дознаваме дека не бил консултиран и за најновите засилувања на Македонија. Се покажа дека ангажирањето на првиот стрелец во Првата лига, Ивица Глигоровски, барем засега е далеку од засилување во нападот, погрешен потег е и ангажирањето на српскиот голман Данило Пустињаковиќ, кој не се покажа многу добро на пријателските средби што Македонија ги има одиграно во Златибор ниту на двата меча со Бате Борисов.
Конечно, чашата на неговото незадоволство се прели по двата пораза од Бате Борисов бидејќи најблиските луѓе во клубот го убедувале дека противникот во европските купови не е толку силен, дека ќе се мине таа пречка.
Како се' заврши, се виде. Македонија одигра мошне лошо, тие 180 минути и уште на стартот се прости од европските амбиции иако стартуваше со голема желба годинава да го постиг��е својот најголем успех и во Европа.
Во Македонија се обидуваат да го разубедат Николовски да остане во клубот, веруваат дека првото негово разочарување по неуспехот во европските купови ќе мине, но засега тоа е само желба на луѓето во клубот бидејќи како што дознаваме, одлуката на Благоја Николовски е конечна и тоа е голема загуба не само за ФК Македонија туку и за македонскиот фудбал бидејќи овој човек не жалеше средства ниту време кога во прашање беше неговата Македонија, неговата љубов во која на крајот толку многу се разочара за да повлече еден ваков неочекуван потег. |