Број 3318  понеделник, 28 јуни 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Економија

Профит во име на Алах

Германците засега немаат многу корист од бизнисот со исламските хартии од вредност

Исламскиот финансиски пазар е сегмент со најбрз развој во светот. Германците засега немаат многу корист од бизнисот со исламските хартии од вредност, кои се во согласност со шеријатското право, од кои тие имаат и лоши искуства.

Во меѓународната финансиска бранша исламскиот финансиски пазар спаѓа во деловите со најбрз развој: годишниот раст се проценува на 15-20 проценти. Според меѓународните рејтинг-агенции, околу 250 исламски фондови во светот управуваат со капитал од 300 милијарди долари.

Банкарскиот експерт Михаел Салех Гаснер, кој го води порталот „Исламикфинанс“ и соработуваше на студијата на консултантската организација „Ернст и Јунг“ за исламското банкарство во Германија, смета дека во Германија постојат реални шанси за проширување на овој вид бизнис.

„Имаме четири милиони муслимани, кои не се сите религиозни, но просечните примања им се толку високи што сумата би бил�� доволна за работа на осумдесет банки“, вели Гаснер.

Во Германија и покрај тоа интересот за исламските финансиски понуди е мал. Некои банки, кои направија обид, се откажаа. Премала побарувачка, велат на пример во Комерцбанк. Финансискиот експерт Заид Моџадеди, шеф на Институтот за исламски бизнис во Франкфурт, смета дека откажувањето е избрзано, зашто азиските искуства покажаа дека условите на муслиманското финансиско работење се интересни и за немуслиманите.

„Тоа го покажуваат искуствата од Малезија, каде што голем број немуслимани склучуваат животни осигурувања, зашто сметаат дека се транспарентни и дека се темелат на јасни правила“.

Во Велика Британија веќе со години е можно да се земе кредит за стан, куќа или автомобил во согласност со шеријатските правила. Оној што сака да купи куќа се обраќа во Исламик банк, каде што не добива кредит со камата, туку одредениот објект најпрво го купува банката и му го продава на клиентот со мало зголемување на цената, која тој ја плаќа на рати. Во Германија тоа не профункционира, зашто за купувањето на објектот се плаќа данок, и тоа двапати, еднаш го плаќа банката, еднаш клиентот.

Отежнувачка околност во Германија е и тоа што илјадници муслимани во последните години имаа лоши искуства со т.н. исламски холдинзи. Хасан Тепеѓоз, работник од Гитерслох со турско потекло, во 2000 година паднал во замката на ветувањата на наводно исламско инвестициско друштво од Турција. Фирмата делела реклама во џамиите и на верниците им ветувала високи заработувачки со благослов на Алах, кои потоа никогаш не биле исплатени. Тепеѓоз изгубил околу 23 илјади евра.

Во меѓувреме, тој раководи со Здружението за солидарност на Турците во Европа, иницијатива која документирала околу 30 илјади случаи на измамени од страна на турско-исламскиот холдинг во цела Европа и им помага на засегнатите да тужат поради загубата на парите. Правната постапка е во полн ек, некои од штедачите веќе добиле правосилна пресуда во своја корист од турските судови. Но, најголемиот дел од нив веројатно нема никогаш повеќе да ги видат своите пари. Хасан Теперѓоз затоа веќе не им верува на исламските штедилници. „Не, подобро ќе им ги дадам парите на Католичката црква, на пасторот, веројатно тоа е посигурно“, вели Теперѓоз.

Ако исламските финансиски институции сакаат да имаат шанса во Германија, производите кои ги нудат треба да бидат рентабилни и поверодостојни. Студијата на консултантската организација „Ернст и Јунг“, која исламските финансиски институции сака да ги стави врз задолжителна правна база, во овој случај е важен чекор.

„Измами секогаш се можни, затоа е потребна држава, која цврсто ќе го пропише правото и исто толку цврсто ќе го спроведе за да обезбеди надзор над банките, минимална транспарентност и слично. Да се потруди тие да не можат да го прават само она што тие го сакаат и своеволно да се однесуваат“, вели експертот Гаснер.


#
Статијата е прочитана 782 пати.

Испрати коментар

Од: линди
Датум: 28.06.2010 00:15:49
зашто грешките на луѓето ги препишувате на името на Алах

Најди! во Утрински
Економија
Грција демантира дека планира да ги продава своите острови
Економијата пак е во минус, власта уверува ќе има раст
„Тојота“ повлекува 17.000 модели на „лексус“
Од Србите помалку се платени само Македонците
Македонија соочена со наплив на турски инвестиции
Г-8 не постигна договор за наметнување глобален данок врз банките
Банкротираа уште три американски банки
До 2012 година „Фејсбук“ ќе има милијарда члена