Економијата пак е во минус, власта уверува ќе има раст
Владата верува дека нема да дојде до рецесија, бидејќи се очекува во вториот квартал да има благ раст на БДП
Александрија Стевковска
Економијата годинава ќе го оствари планираниот раст од 2 процента, децидни се првите луѓе во Владата. Тие се убедени дека падот на БДП во првиот квартал годинава и константниот пад на индустриското производство со месеци наназад не значи и нов влез во криза.
„Мислам дека нема да дојде до рецесија, очекувам вториот квартал да има благ раст. Трендовите во другите сектори, извозот расте, што е добар сигнал, кредитната активност се зголемува. Централната банка ги намалува каматните стапки, така што очекувам да има поволни трендови, кај некои од металските компании нарачките им се зголемени, им се зголеми и производството. Што е најбитно, немаме намера да ги коригираме планираните проекции“, објави Владимир Пешевски, вицепремиер за економски прашања.
И за премиерот Никола Груевски економските движења се резултат на ��родолжената рецесија во Европа, но имало и оптимистички движења што укажуваат за подобрување на целата економија.
„Падот од 0,9 отсто на БДП е резултат на продолжената рецесија или, како што некои аналитичари го нарекуваат, ефект од продолжената рецесија. Презедовме многу мерки што даваат резултати и ќе ги даваат, и понатаму ќе продолжиме со преземање мерки“, вели Груевски. Според него, добро е што бизнисмените имаат оптимизам, а тоа што сигурно го градат врз база на своите бизнис-очекувања и контакти.
„Од тој аспект, тоа е добро, но уште е поважно тоа што следниот период имаме зголемување на извозот, што дава надеж дека понатаму работите ќе се придвижат во добар правец, а во последно време има зголемување и на увозот што е добро, бидејќи кога увозот расте, тоа е сигнал дека ќе имаме поголемо производство. Растот на увозот во најголем дел е на работи што ќе ја придвижат економијата во наредниот период“, смета Груевски.
Наспроти владиниот оптимизам, експертите сметаат дека земјава не е ниту излезена од рецесија. Уште пред да се направи ребалансот на буџетот, тие ја повикуваа Владата да размисли за промена на проекцијата за двопроцентен раст на економијата. За разлика од Владата, помал оптимизам за еден процентен раст на економијата проектираше Народната банка со предупредување дека и таа прогноза ја демнеат ризици.
За да се оствари планираниот економски раст, наредните три квартали треба да завршат со раст од 3 отсто, сметаат експертите за кои владините проекции се невозможни во услови на отежнато полнење на државната каса. Ако економијата падне и во второто тримесечје, тогаш значи дека земјава ќе влезе во нова рецесија. Економистите стравуваат дека ова ќе се случи, имајќи предвид дека индустриското производство продолжи да паѓа и во април и во мај, што е сигнал за можен пад и на целиот бруто домашен производ.
Според статистиката за падот на БДП, најголем пад има кај инвестициите од 46 отсто, увозот е намален за 14,6 отсто, финалната потрошувачка за 16 проценти. Во мај за 0,4 отсто се намали и индустриското производство, а за 3 отсто потфрли и прибирањето на приходите во буџетот. Стопанствениците алармираат дека претстои тежок период поради кризата. Најголемиот удар на кризата се очекува до крајот на 2010 година и почетокот на 2011 година.
На најновите економски податоци реагираше и опозициската СДСМ.
„По триумфалните изјави на претставниците на Владата дека сме излегле од рецесија, македонската економија во првите три месеци од 2010 година повторно влезе во црвена зона. Регистриран е пад од 0,9 отсто. Најкатастрофалниот податок поврзан со падот на македонската економија е огромниот пад на бруто инвестициите за фантастични 46 отсто“, обвинија од СДСМ. |