Грција демантира дека планира да ги продава своите острови
Атина - Грчката влада ги негираше информациите објавени во британскиот весник „Гардијан“ дека планира да продаде дел од своите острови, како начин за прибирање дополнителни средства за излез на земјата од должничката криза.
„Информацијата дека Грција планира да продаде некои од своите острови затоа што нема можност да ја развива тамошната инфраструктура или да го одржува јавниот ред на нив е неточна и навредлива, се наведува во реакцијата на грчката влада до „Гардијан“.
Во реакцијата се посочува и дека купопродажбата на острови во приватна сопственост е честа практика во Грција, но дека грчката влада нема никаква врска со тие трансакции.
„Гардијан“ вчера објави дека Грција се подготвува да продаде или понуди на долгорочен лизинг некои од шесте илјади нејзини острови во очајничкиот обид да го отплати огромниот државен долг.
Според британскиот весник, едно од местата што ќе бидат понудени на продажба е дел од островот Миконос, кој е главната туристичка атрак��ија во Грција. Сопственик на една третина од островот е грчката држава, која бара купувач подготвен да вложи капитал и да изгради луксузен туристички комплекс, дознава „Гардијан“. (МИА)
За островот Родос најмногу се заинтересирани руски и кинески инвеститори, а меѓу нив, наводно, е и рускиот милијардер и сопственик на британскиот фудбалски клуб „Челзи“, Роман Абрамович, тврди лондонскиот весник.
Грција реши да ги преземе овие очајнички мерки поради тоа што минатиот месец беше присилена од ЕУ и ММФ да земе кредит од 110 милијарди евра. Само 227 грчки острови се населени и одлуката за продажба е донесена и поради неможноста за развивање на основната инфраструктура на островите, истакнува „Гардијан“. |