Банкротираа уште три американски банки
ЊуJорк - Американските регулаторни органи затворија уште три комерцијални банки во сојузните држави Флорида, Џорџија и Ново Мексико, соопшти Федералниот фонд за осигурување на депозитите (ФДИЦ).
Станува збор за банките Пенинсула бенк од Флорида, Фрст нешенел бенк оф Савана од Џорџија и Хај дезерт стејт бенк од Ново Мексико. Затворањето на трите банки Фондот за осигурување на депозити го чинело 284,6 милиони долари.
Пенинсула бенк е продадена на инвестицискиот фонд „Бонд стрит холдингс“, кој е првата компанија што ја искористи можноста за купување банкротирани банки и од јануари годинава презеде три пропаднати банкарски институции.
Од почетокот на годинава ФДИЦ затвори 86 американски банки, додека лани клуч им беше ставен на 140 финансиски институции во САД, што е најголем број на банкротирани банки во една година по 1992 година. (МИА) |