Го молел Хитлер да добие руски колoнии
Осло - Видкум Квислинг, норвешкиот диктатор во периодот на германската окупација на Норвешка во Втората светска војна, имал спектакуларни планови за формирање најмалку една колонија во „поразениот Советски Сојуз“, покажуваат документите што ги објави во дигитална форма на Интернет Норвешкиот државен архив.
Како што објави норвешкиот дневен весник „Афтенпостен“, Квислинг во неколку наврати се обратил со молба до Адолф Хитлер за Норвешка да добие мандатно подрачје за норвешка колонија по поразувањето на Советскиот Сојуз. Но, Хитлер, по се' изгледа, не бил воодушевен од предлогот.
Нападот на нацистичка Германија врз Советскиот Сојуз на 22 јуни 1941 година поттикна големи соништа во кругот на норвешката марионетска влада, предводена од Квислинг. Тој издал наредба да се формира посебно одделение кое исклучително работело на реализацијата на споменатите планови, наведува весникот.
Според визијата на норвешките лидери, како што јави дописникот на МИА, требало да се овозможи едно мандатно подрачје на руска територија за населување на норвешко население и воспоставување норвешка управа.
Апетитите на норвешката Влада прво биле насочени кон полуостровот Кола, но кога станало јасно дека Германија нема да успее да го освои тој дел на Советскиот Сојуз, интересот било свртен кон Украина, Белорусија и Уралската област.
Мотивите што им биле предочени на Германците, најблаго речено, биле матни и се однесувале на наводната супериорност на нордиската раса, како и на старите историски населувања на Норвежаните кон Исток, што било сметано како аргумент кој требало да го оправда правото на норвешка миграција во Русија.
Еден од најзначајните објавени документи е текстот што му го пратил Квислинг во 1943 година на Хитлер под наслов „Промеморија околу руското прашање“. Но, од документите со кои располага Норвешкиот државен архив, не може да се извлече јасен заклучок што мислел Адолф Хитлер за предлогот и визиите на Квислинг. (МИА)
|