По шампањот, почнува трката!

Прашкиот договор за разоружување ќе го намали бројот на атомски глави, но не и парите за оружје
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
МОСКВА - Свечената церемонија на потпишувањето на Договорот „Старт 3“ во преубавата „Шпанска сала“ изградена во 17 век во познатото прашко Храдчани најмногу ќе го паметат двајцата претседатели Барак Обама и Дмитриј Медведев, кои со своите потписи влегоа во историјата на обиди за разоружување. Ним им беше потребен успех на меѓународна сцена како доказ дека се навистина миротворци. Анализирајќи го текстот од Договорот сосема е јасно дека иако бројот на атомски глави навистина ќе биде намален, „Старт 3“ нема да ја сопре трката во вооружување, туку ќе ја засили. Старите ракети и боеви глави ќе заминат на утилизација, а фабриките ќе добијат нарачка да почнат со производство на нови, брзи и поубиствени. Потписот на Барак Обама на новиот договор за разоружување на некој начин е враќање на „авансот на доверба“ за Нобеловата. Неслучајно Вашингтон инсистираше на тоа во почетокот на април да се потпише „Старт 3“, бидејќи сега Обама славенички ќе може да зборува на конференцијата за атомска безбедност во Вашингтон што ќе се одржи од 12 до 13 април.
„Прашкиот договор е компромисен документ кој ги почитува интересите на двете земји. Сегашна Русија, за разлика од некогашен СССР, нема паритет со САД според моќта, политичката тежина и пропагандните можности. Сепак, тоа што САД потпишуваат само со нас договор, а не и со Кина и Индија или европските земји, покажува дека Русија е еден од важните центри на моќ на меѓународната сцена и дека, сепак, мора да се смета на нашите интереси“, изјави академикот Сергеј Рогов, директор на Институт за изучување на САД и Канада при Руската академија на науките.
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, деновиве во повеќе наврати изјави дека „Старт 3“ го задржува балансот на интереси на двете земји и дека претходниот беше дискриминирачки, т.е. поповолен кон САД. Оправдано се наметнува прашањето зошто е создаден дисбаланс и изгубен паритетот што го имаа некогаш СССР и САД. Дали проблемот беше во слабите преговарачи или во нешто друго.
Главна причина е хроничната беспарица, која во времето на владеењето на Борис Елцин ја мачеше не само руската армија, туку и целата држава. Старите советски ракети мораа на сечење, бидејќи беа застарени, а за правењето нови и посовремени немаше пари. Денешна Русија годишно произведува триесетина балистички ракети од кои половина се за подморници. Да потсетиме дека во Украина имаше многу воени фабрики и токму таму се правеа најголемите советски ракети наречени „Сатана“.
Поради тоа што Америка сега има повеќе ракети, новиот договор не ги спречува Русите да ги модернизираат своите ракети и да ги произведуваат планираните „Топол- М“, како и ракетите „Булава“ за подморници. За уште повеќе да не заостане зад Америка Русија сега планира зголемување на производството на мобилните балистички ракети „РС-24“, „Јарс“, која е варијанта на многу фалената „Топол-М“ со три атомски глави, кои се делат во текот на летот на ракетата и секоја бара своја цел.
Тоа дека Американците одат на компромис на Русите само кога тоа не ги загрозува нивните планови интереси покажува и тоа дека раководството во Вашингтон не се откажуваат од изградбата на ПРО што ги тера автоматски Русите да пронајдат ефикасен одговор. Претседателот Дмитриј Медведев, како и министерот за надворшни работи, Лавров, во повеќе наврати истакнаа дека Москва си остава за право да излезе од Договорот „Старт 3“ ако почне неповолно да се развива ситуацијата за Русија околу американскиот ПРО. Тие изјави требаа да ги смират оние граѓани на Русија кои се прашуваат дали тоа значи дека намалувањето на бројот на ракетите ќе им оди во корист на Американците нивниот „ракетен чадор“ ако затреба полесно да ги сопре руските ракети?Министерот Лавров деновиве отворено изјави дека Москва е незадоволства од тоа што САД сакаат во Бугарија и Романија да ги монтираат своите елементи на ПРО без оглед што дострелот на тие ракети пресретнувачи е мал и не претставува опасност за руските ракети што се наоѓаат во Саратовската област. „Внимателно ќе ја следиме ситуацијата и ако таму се појават ракети кои би биле опасни за нашите, јасно е дека Русија ќе повлече соодветни потези“, објасни министерот Лавров. Сликовито кажано во Прага можеше да се пие шампањ, бидејќи се проценува дека Американците својот „атомски чадор“ не можат да го отворат најмалку во следните десет години.
Администрацијата на Обама лани одлучи стратегијата за ПРО да се замрзне на ниво на 30 ракети пресретнувачи, а повеќе да се концентрира на таканаречениот „регионален ПРО“. Во практика тоа значи во наредните десет години Американците нема да им се закануваат на руските балистички ракети. Поради тоа, во четвртокот во Прага претседателот Обама пред новинарите гласно изјави: „Развојот на американските ПРО нема да биде закана за руската безбедност“. За Русите е важно тоа што во новиот договор за разлика од претходниот, нема ограничување на бројот на реони на боево дежурство за мобилните ракетни комплекси.
Оној што прочитал барем делови од „атомската доктрина“ на Обама лесно може да разбере дека приказните за „глобална нула“ или појасно кажано за свет без атомско решение се утопија. Зошто тогаш новиот договор им одговара не само на Вашингтон туку и на Москва?
Одржувањето на обемниот застарен атомски арсенал е навистина многу скапо и нерационално. Ракетите како и луѓето стареат и не се вечни, па затоа во одреден временски период мораат на сечење што е скапо.
Атомските воени експерти одамна пресметаа дека е доволно САД и Русија да имаат „само“ по 200 ракети за да се воспостави „рамнотежа на страв“ дека никој никого не смее да нападне, бидејќи земјата би се претворила во пекол. Никакви ракети пресретнувачи не можат да ги сопрат сите лансирани ракети во евентуалната војна. Доволно е десетина од нив да стигнат до целта.
Русија може да биде мирна се' додека постои рамнотежа на страв. Но, што е со помалите земји? Со новата атомска доктрина САД се обврзуваат дека нема да применуваат атомско оружје против земјите кои го немаат. Тоа не се однесува на земјите кои се закануваат со биолошки или хемиски напад врз САД.
|