„Северен тек“ и „Јужен тек“ контра „Набуко“

Низ кој гасовод прво ќе потече толку потребниот гас за Европа
Дали таканаречениот „Норд стрим“ го исфрли од игра конкурентот „Набуко“, уште пред тој воопшто да застане на нозе?
Овие проекти имаат иста цел: треба да обезбедат снабдување на Централна Европа со гас. Битното прашање е дали гасот ќе доаѓа од Русија или од регионот на Каспиското Море?
Уште еден момент ја прави целата работа особено скокотлива: Шредер контра Фишер. Некогашниот германски канцелар и неговиот тогашен министер за надворешни работи кај овие проекти се на спротивни страни. Конкурентската битка, се чини, е решена.
Герхард Шредер уште кога беше германски канцелар лично се заложи за проектот за гасовод преку Балтикот. Денес тој е претседател на Надзорниот одбор на „Норд стрим“, фирма-сопственик на идниот балтички гасовод. „Русија беше лиферант на гас и во времето на студената војна и ние никогаш немавме проблеми со сигурноста на испораките. Сосем сум сигурен дека така ќе остане и во иднина“, лобира Шредер.
Зад „Норд стрим“ се крие руското државно претпријатие „Гаспром“, најголем производител на земен гас во светот. Конзорциумот предводен од „Гаспром“ создаде свршени факти уште пред гасоводот воопшто да смее да се гради. Производството на челични цевки, врз кои се става бетонска обвивка, започна уште во 2007 година, иако конечната дозвола и парите стигнаа сега, пред неколку недели. Така „Норд стрим“ го исфрли од игра конкурентот „Набуко“, уште пред тој воопшто да застане на нозе.
Гасоводот „Набуко“ е инициран од австрискиот енергетски концерн ОМВ, а за него се залага поранешниот германски министер за надворешни работи, Јошка Фишер. „Ние не сакаме монопол. Сметам дека е разумно ако ние, Европејците, гарантираме енергетска сигурност преку широка палета понуди“.
Со јасни зборови кажано: Фишер и конзорциумот, во кој учествува и германскиот концерн РВЕ, сакаат да ја скршат доминацијата на Русите и во Европа да донесат гас од регионот на Каспиското Море. Трасата на гасоводот треба да води јужно од Црното Море кон Западна Европа. Проектот „Набуко“ има поддршка и од Европската комисија. „’Набуко‘ е европски проект, води во друг регион богат со гас - каспискиот и двојно ја намалува зависноста на Европа: со втор гасовод се намалува зависноста од техниката, а тој оди и во друг регион, кај други партнери, со што решавачки се намалува зависноста“, нагласува еврокомесарот за енергетика, Гинтер Етингер.
Проектот има голем недостаток: иако е политички посакуван, досега ниеден од инвеститорите не знае од каде треба да дојде гасот. Тие редовно патуваат во Азербејџан, Туркменистан и Ирак, но досега нема ниеден склучен договор. На „Набуко“ може да му дојде крајот и поради друга закана: „Гаспром“ планира и гасовод „Саут стрим“ по малку посеверна траса од „Набуко“, директно низ Црното Море. Ако се точни прогнозите на Меѓународната агенција за енергетика дека Западна Европа во 2030 година ќе мора да увезува дополнителни 200 милијарди кубни метри гас, тогаш ќе има место за трите гасоводи. Но, има и прогнози дека потрошувачката на гас во Европа нема да расте, оти ќе има се' повеќе енергија од алтернативни извори, тогаш „Гаспром“ и Русија дефинитивно се во предност. (Дојче веле)
|