07.10.2011, 12:04 Грција бара почитување на правата на малцинствата при пописот во Албанија
Грчките власти ја повикаа Тирана да ги почитува правата на припадниците на националните малцинства за време на пописот во Албанија, чие спроведување е во тек.
Портпаролот на грчкото Министерство за надворешни работи Григорис Делавекурас изјави дека одлуката на припадниците на националните малцинства во Албанија за бојкот на пописот укажува на „сериозен недостиг на доверба на малцинствата кон албанската држава“.
- Ваквиот дефицит на доверба мора итно да биде надминат од Владата во Тирана, изјави Делавекурас.
Тој истакна дека почитувањето на правата на малцинствата е де факто критериум за членство на една држава во ЕУ.
- Грција се залага за изградба на добрососедски односи со Албанија и смета дека е неопходно целосно почитување и заштита на грчкото малцинство кое претставува мост на пријателство меѓу двете земји, рече Делавекурас.
Претставниците на националните малциства на Албанија побараа укинување на членот од Законот за пописот со кој е предвидена казна од 700 евра за оние кои при попишувањето ќе се изјаснат за национална припадност која е различна од онаа на која веќе се запишани во државните регистри. Припадниците на малцинствата тврдат дека голем дел од етничките заедници во Албанија не се официјално признати и затоа при раѓањето во регистарот биле запишани како Албанци.
Малцинствата имаат забелешки и на тоа што нивни претставници не се ангажирани како инструктори или попишувачи.
|