07.10.2011, 11:34 Иванов ги повика романските бизнисмени во Македонија
Иванов ги повика романските бизнисмени да ја посетат Македонија и да ги искористат нејзините предности при реализацијата на нивните бизнис планови не само на македонскиот пазар, туку и за целиот регион.
За нас Романија е важен партнер и од клучно значење за двете држави е интензивирање на меѓусебната економска соработка особено во текот на трговската размена, им порача македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов на романските бизнисмени на денешниот Македонско-романски бизнис форум што се одржува во Комората за индустрија и трговија. На Форумот, покрај македонски и романски компании учествуваат и компании од Италија.
Иванов ги повика романските бизнисмени да ја посетат Македонија и да ги искористат нејзините предности при реализацијата на нивните бизнис планови не само на македонскиот пазар, туку и за целиот регион.
Потсети дека Македонија има макроекономска стабилност со ниска инфлација која во просек изнсува 2 проценти, избалансирани јавни финансии со низок буџетски дефицит, стабилен девизен курс и низок јавен долг кој изнесува под 26 проценти од бруто домашниот производи.
- Имаме одговорни компании ��о конкурентни прозводи кои можат да се најдат на вашиот пазар бидејќи тие се барани како во светски рамки така и од романските потрошувачи. Затоа очекувам со ваш ангажман трговскиот дисбаланс да се намалува во иднина, истакна Иванов.
Генерална оценка на македонските и романските бизнисмени е дека поголемата соработка и заедничкиот настап на трети пазари е излезот од светската економска криза. Од романска страна македонските компании беа поканети да учествуваат на Форумот на економски инвестиции што Романија ќе го организира заедно со Кина И Русија во 2012 година.
Романските бизнисмени пројавија интерес за инвестирање и соработка со македонски компании. Особено се заинтересирани за соработка со македонските винарии кои како што беше истакнато произведуваат квалитетно вино, како и со компании што се занимаваат со нутрицунизам. Побараа и воведување на чартер лет од Крајова до Охрид што би придонело за развој на туризмот.
Од македонска страна беше истакнато дека можностите за инвестирање во Македонија се поволни со ниски даночни стапки и со пакет бенефиции за изградба на фабрики во ТИРЗ.
Вкупната трговска размена со Романија во првите седум месеци од годинава изнесува 87 милиони американски долари, со трговски дефицит на македонска страна. Во споредба со првите седум месеци од минатата година трговската размена е намалена за 15 проценти.
Според агендата, денеска претседателот Иванов ќе се сретне и со претставници на македонското малцинство во Романија, а со Орден за заслуги за Македонија постхумно ќе ја одликува Лиана Думитреску. Орденот ќе го прими нејзината мајка Константина Думитреску, актуелен претседател на Асоцијацијата на Македонци.
Лиана Думитреску беше прв претставник на Македонците во Парламентот на Ромамнија во два мандата од 2004 до 2008 година и од 2008 до 2011 година. Сестрано ја помогаше иницијативата за признавање на македонската заедница како официјално малцинство во Романија.
|