06.10.2011, 13:36 Басеску: Романија ја поддржува евроинтеграцијата на Македонија
Романскиот претседател Трајан Басеску по денешната средба со претседателот Ѓорге Иванов.
Романија безрезервно ја поддржува интеграцијата на Македонија во Европската унија и НАТО, но одлуките за тоа се носат колективно од сите земји-членки и затоа е потребно да се реши спорот за името, порача романскиот претседател Трајан Басеску по денешната средба со претседателот Ѓорге Иванов.
- Романија сама не може да одлучи ниту за влегување во НАТО, ниту за прием во Европската унија. Таквата одлука треба да биде донесена колективно од страна на сите земји-членки без разлика дали зборуваме за ЕУ или НАТО. Без разлика кој ќе биде текот на настаните на релацијата меѓу Македонија и Грција, Романија секогаш безрезервно ќе го поддржува вклучувањето на Македонија во НАТО и ЕУ. Ние немаме ниту еден мотив да не ја поддржиме Македонија за нејзиниот влез во Европската инија, нагласи Басеску.
Претседателот Иванов се заблагодари за поддршката што ја има Македонија од Романија на патот кон евроатлантските интеграции.
- Во наш интерес е оваа поддршка што ја имаме од Романија во однос на нашата интеграција во ЕУ и НАТО да продолжи со ист интензитет, рече Иванов.
Во присуство на двајцата претседатели беа потпишани два билатерални договори од областа на научната, економската и техничката соработка и од областа на туризмот.
На претседателот Иванов кој го посети Универзитетот „Димитрие Кантемир“ му беше врачен почесен докторат.
Претседателот Иванов попладне, според агендата, ќе се сретне и со претседателот на Сенатот Мирчеа Џоана и со романскиот премиер Емил Бок.
|