05.10.2011, 15:18 Автоматизиран вториот блок на РЕК Битола
Со осовременување на турбоагрегатите, освен зголемена работа на термоелектраната, ќе се продолжи експлоатациониот век за 30 години.
Битола - Заврши модернизацијата и автоматизацијата на термоелектраната ,,Битола-2,, на РЕК Битола. Со осовременување на турбоагрегатите, што го изведуваше руската компанија „Силовие машин“, се очекува освен зголемување на доверливоста на работата на термоелектраната да се овозможи и продолжување на експлоатациониот век за најмалку уште 120.000 работни часови. Вкупна вредност на овој мега проект, кој започна лани, изнесува 56 милиони евра. Проектот ќе се заокружи со модеренизацијата на вториот, а идната година ќе заврши и модренизацијата на третиот блок. Со оваа инвестиција ќе се зголеми инсталираната моќност на секој од трите агрегати за допонителни 8,32 мегавати по блок, односно 25 мегавати за трите блока, со што ќе се зголеми производството на електрична енерегија за 160 до 200 гигават часови на годишно ниво, без дополнително зголемување на потрошувачката на јаглен.
„Оваа инвестиција ќе овозможи продолжување на работниот век на РЕК „Битола“ за околу 30 години, обезбедување работа за сите работници, но и обезбед��вање на стабилна енергија за македонската економија. Руската Федерација е еден од стратешките партнери на Македонија во енергетскиот сектор и во иднина очекуваме уште поголеми инвестиции во овој сектор“, истакна министерот за финансии Зоран Ставревски, денеска на свеченоста во РЕК Битола.
За Ставревски енергетскиот сектор претставува столб на економскиот развој на секоја држава, а стабилното и квалитетно снабдување со електрична енерегија е основен фактор за конкурентноста на економијата.
,,Успешното завршување на модернизацијата на вториот блок, како и модернизацијата на првиот и третиот блок, се почеток на еден силен инвестиционен циклус на ЕЛЕМ кој во наредните четири години ќе има вкупна вредност од 300 милиони евра“, рече министерот Ставревски.
Во РЕК денеска присуствуваа и рускиот амбасадор Олег Николаевич Шчербак, како и Максим Травников, ко-претседател на меѓувладината македонско-руска комисија. (А.Б.)
|