Трите бода со Македонија мотив плус за клучниот меч со Холандија
Шкотите, иако имаат проблеми со повредени фудбалери, оптимисти пред саботниот дуел со Македонија
Шкотската фудбалска јавност не ни помислува на неуспех на своите репрезентативци во дуелот со Македонија. Некои медиуми веќе пишуваат дека извесната победа в сабота само ќе ги зголеми мотивите кај „храбрите срца“ на Џорџ Барли за наредниот, како што велат тие, клучен меч со Холандија, исто така на „Хемпден парк“.
Истовремено и медиумите и навивачите бараат од Барли да не мудрува многу и да го стави во стартната постава напаѓачот на Бирмингем Мекфаден, кој на големо изненадување беше оставен на клупата на гостувањето кај Норвешка во Осло, каде Шкотска доживеа дебакл (0:4). Самиот Мекфаден не му се лути на селекторот и вели дека не може сите на секој меч да играат. Наедно, и покрај незавидната позиција на табелата (Шкотска е втора со исти бодови како и Македонија) верува дека приказната за пласман на СП во Јужна Африка не е завршена.
„Како земја мораме да веруваме до последната минута. Натпреварите ќе бидат тешки, но в сабота мора да падне Македонија, а потоа одиме на „лалињата“. И двата меча се играат на „Хемпден“, а тоа е одлично за момчињата“, вели Мекфаден.
Инаку, Џорџ Барли има проблеми со составот особено во одбраната. Стивен Колдвел, дефанзивецот на Барнли, нема да може да се опорави на време од повредата што ја доби во Осло, а неговиот брат Гери нема да игра поради суспензија. Така Дејвид Веир и Дарен Бар се единствените здрави централни дефанзивци. Покрај тоа играчот на Селтик Мекманус и на Вулверхемптон Криштоф Бера се неизвесни.
Повреден е и фудбалерот на Килмарнок Кевин Кајл, па затоа Барли мораше како замена да го повика напаѓачот на Бирмингем Гери О’ Конор. Според, шкотските медиуми во средниот ред ќе стартуваат Скот Браун и Дарен Флечер, а Алан Хатон ќе ординира по десната страна, и покрај неговите лимитирани игри во Тотенхем, како и импресивниот старт на сезоната на Стивен Витакер за Ренџерс. За разлика од Витакер, нормално место во составот имаат неговите клупски колеги Милер и Најсмит, кои очекуваат да добијат шанса.