Број 3080  понеделник, 07 септември 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Трагедијата ја потисна прославата на полнолетството

Во состојба на општа збунетост и тага во државата едноставно нема атмосфера за славење

Оливера Војновска

Македонија го дочека полнолетството така како што никој не посакуваше. Непосредно пред големиот државен празник - Денот на независноста, Охридското Езеро го голтна 85-годишниот туристички брод „Илинден“, а крстарењето беше кобно за 15 бугарски државјани. Трагедијата целосно го потисна одбележувањето на 18-годишнината од основањето самостојна македонска држава. Веста за тажниот настан го обиколи светот. Веднаш по несреќата во Охрид пристигна бугарскиот претседател Георги Прванов, а во Скопје имаше вонредна владина седница. Вчера беше ден на жалост и беа откажани сите културни манифестации. Во една таква специфична состојба на општа констернација и тага, едноставно нема атмосфера за славење.

Сепак, утре е голем ден за Македонија, која одбележува точно 18 години од прогласувањето независност, што во секој случај е значаен период од развојот на една држава. Гледано од оваа временска дистанца неизбежно се наметнуваат прашањата каде сме сите ние и што постигнавме. Македонија дојде пред портите на НАТО, пред три години доби кандидатски статус и се' уште чека датум за преговори за ЕУ. Но, можеше ли некои работи да се направат подобро?

Пенливиот „фрушкогорски бисер“ со кој пред 18 години се наздравуваше на бината на преполниот плоштад во Скопје, насмеаните лица на тогашните највисоки државни функционери - дел од нив и денес се активни во политиката, останаа врежани во меморијата на македонските граѓани. Меѓутоа, по речиси дведецениска мачна транзиција малку остана од оптимизмот дека Македонија во блиска иднина ќе ја видат како просперитетна држава.

Несразмерното богатење на поединци направи големи социјални разлики.

Се влошува економската состојба, се губат работни места, се топат традиционалните општествени вредности, паѓа авторитетот на семејството. Македонците масовно се разведуваат.

Претседателот на првото повеќепартиско Собрание, Стојан Андов, вели дека 8 Септември е најзначаен датум во нашата историја, бидејќи македонскиот народ првпат во својата историја имал можност слободно да се изјасни за сопствената иднина. Се потсетува дека тој ден кај граѓаните имало големо воодушевување. Андов бил во Скопје до 19 часот, кога се затвориле избирачките кутии, а по утврдувањето на огромната излезност службено заминал за Дојран, па затоа не присуствувал на прославата на плоштадот. „Важно е дека референдумот успеа. И Дојран е Македонија“, ја коментира Андов забелешката дека отсуствувал од големата прослава.

Тој напомнува дека сега како држава мора да влечеме филигрански потези. „Мора да ги изведеме толку многу внимателно за да се остварат нашите намери за евроатлантско интегрирање. Последните три години е забележана неподобна и ризична стагнација за нашата меѓународна позиција. Тоа е она што загрижува. Сега сме на испи�� дали ќе покажеме капацитет да направиме исчекор“, вели Андов.

Во ситуација кога се прави некаков рекапитулар, несомнено, најголемото разочарување е на економски план. Колку и да звучи поразително, на ова поле ние имаме постигнато најмалку резултати во однос на сите земји во регионот. Пред нас отидоа Бугарија, Романија, Хрватска, која на својата територија имаше тригодишна војна. Поголем прогрес бележи и Србија, која војуваше речиси седум години, а според динамиката со која се развива Албанија веројатно и таа ќе не' премине.



Според Андов, таквиот тренд се должи на тоа што ние немаме направено сериозни структурни економски промени. Тој смета дека најголемите промашувања во овие 18 години се направени на три пункта „приватизацијата, закочувањето на процесот на правење институции на државата, а не на партиите и трендот на квазихеројство присутен во последните три години: да се негира и разори она што државата го има постигнато и да се покаже дека некој бил предавник“.

Главен проблем за тоа што стагнираме како држава, тој гледа во отпорот да се промени менталитетот, начинот на размислување во општеството и перцепцијата на демократските вредности. „Ние цело време тоа го примаме како некое ветре, кое може да не' разлади, ама ништо друго да не промени“, сликовито објаснува долгогодишниот парламентарен спикер.

Поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Георгиевски, кој во 1991 година неколку месеци беше потпретседател на претседателот на Македонија, потсетувајќи се на денот на осамостојувањето вели дека тоа несомнено беше израз на вековниот сон да се има независна македонска држава.

„Но, мораме да бидеме објективни и самокритични и јасно да кажеме дека кога се распаѓаше Југославија, Македонија не беше таа која премногу јасно и цврсто ја искажуваше желбата да стане самостојна и независна држава. Тој процес го водеа Словенија и Хрватска, додека ние некако повеќе го поддржувавме унитаризмот на Милошевиќ. Потсетувам на тој момент затоа што имам чувство дека 18 години по независноста се' уште не е избледена таа југословенска политика. Едноставно сметам дека посебен дар од господ е еден народ да има држава, особено кога е мал, како што е македонскиот. И затоа треба да бидеме свесни колкава е големината и среќата да се има сопствена држава. За жал, морам да кажам дека Македонија, и по 18 години самостојност, многу прашања ги нема суштински затворено. Над нашата иднина мислам дека висат и безбедносни прашања. Затоа сметам дека влезот во НАТО и во ЕУ ќе биде од огромно значење за да ги заокружиме и последните искушенија како држава“, вели Георгиевски. За грешките што во овој период се правени на политички план вели дека се битни два момента.

„Првиот момент е тоа што можеби сите ние политичари од македонска страна не сфативме дека во уште 90-тите години на минатиот век треба да направиме похрабар чекор кон Албанците. Во смисла со поголеми реформи да го превенираме тоа што се случи во 2001 година. Второ, уште на почетокот на 90-тите години го потценивме проблемот со Грција. На економски план се направени серија грешки, како приватизацијата, која беше вистински промашена. Малку бевме жртви и на реформите од ММФ и Светска банка. Се разбира, во овој период се правени и многу индивидуални грешки на сите досегашни влади“, заклучува Георгиевски, кој беше премиер во периодот од 1998 до 2002 година.

Лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, вели дека волјата на народот, кој пред 18 години со огромно мнозинство се одлучи за независност на нашата земја, беше доволен мотив да се прифатат предизвиците низ кои мина државата, но и да се постават важните цели кон кои се стремиме. Црвенковски, кој беше премиер во три мандати, од 1992 до 1994 година, од 1994 до 1998 година и од 2002 до 2004 година, и претседател на државата од 2004 до мај 2009 година, смета дека „имаме многу причини да се гордееме. Но, при тоа, во ниту еден момент не треба да заборавиме на целите, кои ги поставивме. Местото на Македонија е во европското семејство. Времето е мошне важен фактор, затоа што секоја генерација заслужува подобар живот, квалитетни општествени услови и јасна перспектива. Приоритетите во нашиот развој како држава имаат значајна улога и затоа е потребна и поголема политичка одговорност на одлучувачките субјекти. Имаме капацитет да го направиме тоа, но ни недостасува цврста волја во остварувањето на заедничките приоритети. Државата еднаш се создава, но таа мора постојано да се гради, развива и чува и на тоа треба да работиме сите ние.



Професорите Љубомир Фрчк��ски и Владо Поповски, кои се изготвувачи на првиот Устав и беа дел од извршната власт во изминатите 18 години, (Фрчкоски во владите на Црвенковски, а Поповски во владините кабинети на Црвенковски и на Георгиевски), сметаат дека Македонија направила исчекор, но, понекогаш влечела и многу погрешни потези.

„Македонија стана независна држава видлива на меѓународната карта. Тоа го направи на потешкиот начин, ако го исклучиме најтешкиот - граѓанска војна. Се' друго беше тешко за нас - оспорувањето на името, идентитетот... Но, Македонија се стабилизира водејќи се од два фактора. Имаше одговорни политички елити, кои не дозволија мултикултурното општество да се политизира на кризен начин. Второ, веднаш ја отворија државата кон меѓународен мониторинг, што, исто така, ги релаксира меѓуетничките односи и ги стандардизира расправите за развој на политичкиот систем, демократијата, човековите права. Тој процес донесе резултат на меѓународен план“, вели Фрчкоски. Во тие први години од независноста Македонија, според него, имала добра надворешна политика, што резултирало и со добра меѓународна позиција.

„Со ваква политика Македонија успеа да релативизира и да порази една посилна политика на нашиот јужен сосед, која користеше и многу груби средства, како блокадите. Со последната политичка елита тој пат неочекувано е прекинат. Ние сега имаме застој и уназадување на меѓународен план што се одразува на нашата внатрешна стабилност. Ако продолжи може да биде кобно. Се надевам дека овој драматичен застој ќе трае кратко и Македонија брзо ќе ги врати своите меѓународни позиции. За тоа клучниот период е пред нас“, смета Фрчкоски.

Навраќајќи се на тие времиња професорот Поповски вели дека Македонија се наоѓа во квалитетно друга состојба. „Тогаш постоеше само спроведен референдум и одлука за осамостојување, а притоа се' уште југословенската армија беше во Македонија. Постоеше несигурност што ќе се случува со Македонија, дали ќе има војна. Воопшто не беше извесно дали Македонија за својата одлука ќе добие поддршка од меѓународната заедница. Но, референдумот го отвори патот за донесување на Уставот. Денес имаме самостојна, суверена држава, призната од сите меѓународни организации, членка на ОН, Советот на Европа, кандидат за членство во ЕУ и пред влез во НАТО“, вели Поповски. Притоа додава дека покрај низа позитивни аспекти, како и во сите транзициски држави и Македонија се соочи со проблеми, кои значително влијаеле на развојот.

„Клучен проблем за нас е спорењето на Грција на нашето име, кое се покажа дека е причина во доцнењето, а во одредена мерка и за зачленувањето во НАТО и во ЕУ. И очигледно дека тој проблем не може да се игнорира и да се затвораат очите. Владата и другите субјекти во тој процес треба да го динамизираат решавањето и на тоа прашања. Доколку не се надмине тоа прашање и Македонија не добие шанса брзо да се зачлени во НАТО и да добие датум за преговори за ЕУ, една јасна и извесна иднина, тогаш проблемите може да се усложнат и намножат за неколку години. Но, се надевам дека политичките субјекти ќе најдат некаков можен компромис, кој ќе го чува идентитетот на нацијата, името, јазикот“, предупредува Поповски.

Неодамна една анализа, спроведена од Универзитетот на Југоисточна Европа и Програмата за развој на Обединетите нации, покажа дека Македонците се најнесреќни луѓе во регионот. Ги мачат сиромаштијата и нерамноправната положба во општеството. Летово, резултатите од едно светско истражување покажаа дека граѓаните на Македонија се меѓу најнесреќните луѓе на светот. Во конкуренција на 143 земји од светот, Македонија е на 111. место, во друштво со земјите од Африка.


#
Статијата е прочитана 3708 пати.

Испрати коментар

Од: veles
Датум: 07.09.2009 07:38:37
ne be braka ne maci identitetot zatoa ne sme nikade posto covek bez identitet go prakaat od vrata do vrata se dodeka ne doznae koj e i sto e a za nas ke odi dolgo vreme se dodeka ne se pomirime so vistinskata istorija i go ostavime tito ednas zasekogas zad nas zaedno so bivsa jugoslavija i demek ubavite vreminja od toa vreme.pozdrav.
Од: Ајван Доктор®
Датум: 07.09.2009 09:43:44
Секојдневно се докажува дека полнолетството не се стекнува на 18 години, ако сè уште се Унередуваш и ако си во Пелени! Наградното Прашањето за проверка на Сенилноста гласи: Како ли Гласеше Вториот Дел од Референдумското Прашање, а кое „државниците“ се Должни да го Спроведат, бидејќи и тоа е Изгласано Од Мнозинството на Народот, но и единствената Причина за Големиот Позитивен Процент???
Од: Касандра
Датум: 07.09.2009 09:54:42
Чекајте малку, вистинските несреќи се уште ќе доаѓаат. Држава која се води од неискусни и неодговорни лица ќе се тетерави од катастрофа до катастрофа!
Од: verag
Датум: 07.09.2009 10:33:47
Оваа анкета за која зборите мора да се правела пред да биде готово северното крило на стадионот . Како што рече Груевски, Владата го направила за да биде народот среќен.Сега нека маправат анкета- ќе има скоро 100% среќен народ.
Од: Kolo Diamantot
Датум: 07.09.2009 18:32:47
Naprotiv koga Gruevski go napagaat levicarite: uste poubavo napreduva Gruevski. Levicarite samo go pratat Gruevski kako da mu ja zemat vlasta samo vo toa mue umot. Gruevski e bozji covek ispraten od gospod za da ja spasi Makedonia od zlocinci.

Најди! во Утрински
Насловна
Зденко
Херојска победа над Израел
Време е за оставка
Со пари ќе се носат странски инвеститори
Македонија подготвува вето за Грција
Исполнети определниците за ЕУ - се е партизирано!
Сами се победивме во Глазгов
Грешката е системска
Вицепремиерот Пешевски медијатор во спорот со ЕВН
За едни мајка, за други маќеа!
Германија го заборава митот што ја создаде германската нација