Вицепремиерот Пешевски медијатор во спорот со ЕВН
Позитивни сигнали од ЕВН за решавање на проблемите со Владата
Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски, в раце го има „најжешкиот костен“, да ги ублажува односите во спорот меѓу ЕВН и државата. Тој деновиве потврди дека прашањето со ЕВН е комплексно и се одвива на неколку полиња. Според него, се' уште Владата е далеку од решение на проблемот, но, смета дека доколку не постои комуникација тешко би можело да се најде заемно прифатливо решение.
„ЕВН е само една од институциите со чии претставници се сретнував во изминатиот период на таа тема. Одржав многу состаноци внатре во Владата, со определени институции, со цел да се запознаам со проблемот. Станува збор за решавање, мислам дека се' уште сме далеку од решавање на проблемот, но доколку не контактирате со другата страна многу е тешко да се најде заемно прифатливо решение“, изјави Пешевски деновиве.
Позитивни реакции за решавањето на проблемите меѓу Владата и ЕВН пристигнуваат и од првиот човек на ЕВН, Георг Валднер. Тој во изјава за „Утрински весник“ вели дека од разговорите со вицепремиерот Пешевски почувствувал оти и двете страни се свесни оти сите отворени прашања мора да се надминат.
„На состаноците со новиот вицепремиер за економски прашања, Владимир Пешевски, искусив нов начин на комуникација и пристап кон проблемите на ’ЕВН Македонија‘. Овој начин на комуникација со Владата би можел да биде добар почеток за надминување на сите отворени прашања, во интерес на граѓаните“, изјави Валднер.
Инаку, ЕВН се' уште не ја добиле одлуката од Апелацискиот суд дека е укината пресудата на првостепениот суд, со која австриската компанија требаше да им исплати на државните електрани околу 200 милиони евра, врз основа на наплатени сметки за струја заостанати од времето на ЕСМ.
И Пешевски не сакаше да го коментира судскиот епилог со кој Апелација го врати на основен суд спорот за старите ненеплатени побарувања на релација ЕЛЕМ – ЕВН, иако Австријците поради овој случај поднесоа тужба против Македонија пред Меѓународната арбитража во Вашингтон. (С.М.) |