Германија го заборава митот што ја создаде нацијата
Месецов е 2000-годишнина од победата на германските племиња над три римски легии и протерувањето на Римјаните
Историјата на Германија од 20 век е толку разбранувана што годишнините на позитивни настани се малку. Годинава има два такви ретки примера, 20-годишнината од паѓањето на Берлинскиот ѕид и 60-годишнината од воспоставувањето демократија по Втората светска војна.
Третиот настан е во септември, што не е помалку значаен од раѓањето на германската нација – 2000-годишнината од големата победа на германските племиња над три римски легии во битката за Теутобуршката шума. Од битката произлезе првиот германски херој Арминиус или Херман, како што подоцна беше познат, млад поглавар на племето Херусци, кој го водел бунтот и со векови бил славен како човек што ги обединил Германците и ги протерал Римјаните од Германија.
Но, Германија го одбележува настанот со видлива воздржаност. Не се чувствува слава и нема програма со фестивали на кои ќе се веат знамиња, како што би се очекувало во други земји што го прославуваат своето создавање. Всушност, многу Германци дури и не знаат за Арминиус. Многу училишта ја избегнуваа неговата сторија по 1945 година, бидејќи тој беше заразен од милитантниот национализам што доведе до Хитлер. Интересот постепено се будеше од откривањето на местото на битката кон крајот на 80-тите години на минатиот век, и годинава имаше интензивно известување во медиумите за човекот и за митот.
Канцеларката Ангела Меркел го посети бојното поле, во шума во близина на селото Калкриесе, во мај, за да отвори изложба за германските племиња, а околу 400 актери облечени како Римјани или припадници на германски племиња во јуни внимателно ги одиграа сцените од битката на тоа место, со копја на чии врвови имаше заштита. Повеќето актери сакаа да бидат Римјани и имаше недостиг од германски воини така што некои влакнести викинзи требаше да бидат ангажирани за да го дополнат бројот. „Оваа јубилејна година помина многу добро, бидејќи е без националистички емоции“, вели Тилман Бендиковски, автор на нова книга за битката и митот за Херман, во разговор за „Шпигел онлајн“. „Помина многу повоздржано отколку што можеше да се очекува“.
Сторијата за Арминиус е лекција како историјата може да се измисли и претвори во пропаганда. Од 16 век наваму, кога беше дадено објаснување за битката од римскиот историчар Тацитус во еден германски манастир, националистите го претворија германскиот лидер во икона што ќе им помогне да постигнат единство, соочени со видливите непријатели како што се Ватикан, Французите и Евреите. Арминиус и битката за Теутобуршката шума, велат тие, го одбележува потеклото на германската нација. Херман, како што го нарекувал Мартин Лутер, се сметал за совршен симбол што ќе и' даде идентитет на нацијата поделена на десетици држави, како што и' недостасува.
„Битката стана ’големата експлозија’ на германската нација во однос на митот и легендата. Но, во однос на реалната историја не беше така“, вели Бендиковски. Повеќе од 50 германски племиња од античкиот период беа предци на многу европски нации, не само на Германците. А Арминиус на ниту еден начин не ги обедини - тој убедил припадници на пет племиња да му се придружат во битката, и бил убиен од припадници на неговото племе неколку години подоцна.
Сепак, постои мало сомневање дека битката за Теутобуршката шума испрати шокантни бранови низ Римското Царство. Тоа беше една причина зошто Рим се откажа од плановите да ја претвори Германија, источно од Рајна, во провинција. Се верува дека од 10.000 до 12.000 добро обучени и борбено прекалени легионари биле масакрирани во Калкриесе, во заседа организирана од Арминиус. Три римски легии биле збришани во четиридневните борби на тесните шумски патеки, неколку километри од денешниот град Оснабрук. Целото Римско Царство, кое се протегало од Северна Англија до Египет, имало само 28 легии во тоа време.
Популарното мислење дека Арминиус ги протерал Римјаните од Германија источно од Рајна, сепак, е заблуда. Римските легии се вратиле насила шест години по битката, предизвикувајќи хаос и победувајќи во големи битки. Минатогодишното откритие на античко бојно поле околу 100 км источно од Калкриесе, во близина на местото Калефелд, јужно од Хановер, сведочи за римско воено присуство длабоко во непријателска Германија, дури во 3 век од н.е. „Вообичаено Германците велат дека светската историја била создадена на германска територија“, вели Бендиковски. „Знаеме дека тоа била една битка меѓу многуте и оти имало низа фактори зад конечното повлекување на Рим кон Рајна. На сите што им е потребен овој мит го сметаат за пресвртна точка во историјата. За многумина тоа останува пресвртна точка. Но, не е“.
Драматурзи, писатели и политички лидери од 18 и од 19 век не дозволиле фактите да се пренесат како добра сторија. За тоа им помогнал големиот недостиг на факти, бидејќи античките германски племиња немале пишувана култура, а римски очевидци не го преживеале масакрот.
Херман, претставен како русокос, мускулест воин, се појавува во повеќе од 50 опери и драми во текот на 18 и 19 век, како „Битката за Теутобуршката шума“ од германскиот поет Хајних фон Клист, од 1808 година, како повик за вооружување против окупацијата на Наполеон. Тоа лице ја олицетворува моќта на една млада нација, која се стреми да биде обединета и слободна.
Култот за Херман продолжил да се зголемува во 19 век и бил импресивно евоциран со гигантски споменик за него, поставен во близина на северозападниот град Детмолд. Статуата, завршена во 1875 година, четири години по обединувањето на Германија, има седумметарски меч и предизвикувачки гледа на запад - кон Франција. Статуата стана фокус за еден вид национализам што се' повеќе стануваше агресивен и расистички, и кулминираше во нацистичкото барање да се покори Европа и да се истребат Евреите.
Херман никогаш не закрепна. „Лично мислам дека овој мит за Херман ќе избледи. И се надевам дека луѓето во иднина повнимателно ќе гледаат на историјата, ќе се прашуваат што научиле и повторно ќе ги разгледуваат изворите“, вели Гизела Согер од борбениот музеј во Калкриесе за „Шпигел онлајн“. „Сакаме да придонесеме да се заземе повоздржан, дистанциран поглед на тукашната историја“.
Во музејот во Калкриесе се прикажани врвови од копја, човечки коски со страшни рани од борби и метални делови од римски оклоп, пронајдени на бојното поле во текот на повеќе од 20 години откако британскиот археолог, Тони Клун, кој бил стациониран во Германија со британската војска, открил 150 сребрени монети и три римски чатали околу еден километар од местото. Траги од борбите се пронајдени во поширока област околу Калкриесе, што се поврзува со објаснувањата на римските историчари дека битката траела четири дена и почнала со заседи на мала колона легионари и имало логистика 15 км по должината на тесните шумски патеки. Војската била под команда на римскиот генерал Публиус Квинктилиус Варус и се движела на југ, за да ја мине зимата во база покрај Рајна.
Арминиус, кој му припаѓал на племето Херусци, бил командант на единица од германската коњаница, придружена на римската војска како помошна трупа. Тој го водел Варус во стапица, убедувајќи го да скршне од главниот пат за да го задуши бунтот, пишуваат римските историчари. Варус му верувал на Арминиус - двајцата заедно вечерале - и се согласил да ја смени насоката. Тогаш германскиот ��оин, кој сакал да предводи бунт што ќе му помогне да основа сопствено царство, заминал со своите луѓе за да им се придружи на борците од другите племиња што се криеле во шумите. Тие почнале герилски напади врз колоната од сите страни.
Римските легионари, навикнати да се борат во дисциплинирани формации на отворен терен, користејќи ги своите штитови, копја и мечеви, не биле во можност да ја употребат својата докажана тактика во шумата. Но, можеле да се регрупираат и да логоруваат првата ноќ од нападот. По неколкудневни напади, битката кулминирала во Калкриесе, тесно грло меѓу еден рид и пуста рамнина каде што Германците поставиле земјен ѕид од каде што би го напаѓале римското крило. Согледувајќи дека поразот е неизбежен, Варус паднал на својот меч наместо да биде заробен од германските орди, кои ги масакрирале неговите војници секаде околу него.
Местото на битката беше мистерија уште откако почна култот за Херман во 16 век, а се посочуваа безброј локации. Некои историчари се' уште имаат сомневања за Калкриесе, но сега тие се малцинство, бидејќи сигурноста дека тоа е вистинското бојно поле постепено растеше последните две децении. Пронајдени се осум јами со коски од мажи на возраст од 20 до 45 години, а на многу черепи се забележуваат длабоки дупки од фатални удари. Податокот за јамите се совпаѓа со римските тврдења како војската под командантот Германикус го открила бојното поле во 16 година од н.е. и ги погребала купиштата побелени коски, кои биле расфрлени наоколу. Војниците, исто така, пронашле черепи закачени на дрвја.
Постојат и други јасни индикации дека битката се водела тука. Ниту една од 1.600 пронајдени монети не биле ковани по 9 г.н.е. Биле пронајдени скелети на мазги, а единствено римските војски нив ги користеле.
Други пронајдоци во Калкриесе укажуваат на присуството на римска воена колона, која не очекувала проблеми. Богато украсен сервис за јадење, големи количество пари, дури и мало сликано стаклено око земено од декоративна фигура што краси луксузна римска софа - тоа не е опремата што би ја носела римската војска во битка. Војската на Варус се повлекувала дома за зима место да тргне во воена кампања.
Визуелно највпечатлив пронајдок е железната маска за лице, од шлем на римски коњаник. Но, безброј импресивни парчиња метал ја раскажуваат вистинската морничава сторија за битката за Теутобуршката шума.
„Наоѓавме траги од грабежи место од борби“, рече Сузан Вилберс-Рост, главен археолог на локацијата, за „Шпигел онлајн“. „Ископувањата открија многу мали предмети одземени кога Германците ги ограбувале Римјаните додека тие лежеле мртви или ранети. Имаше предмети како копчиња, шарки, составни делови од оклоп и оклоп од алки. Може само да се замисли тоа брутално соголување на мртвите кога поразот бил целосен, кога не преживеале Римјаните“, вели таа. „Знаеме дека Римјаните секогаш се обидувале да ги извлечат загинатите. Германците го имаа целото време на светот. Тие не беа вознемирени“.
Секоја година околу 100.000 луѓе го посетуваат музејот во Калкриесе, каде што даваат објаснување за битката. Годинава бројот на посетителите веројатно ќе биде многу поголем од просечниот. Музејската продавница врши активна трговија со сувенири, колбаси, реплика на германски рогови за пиење и „Варус искушение вафли“.
Но, митот за Херман ја изгуби моќта во современа Германија. Стариот национализам е заменет со лежерен патриотизам, што, главно, се манифестира на спортски настани, како што е светското првенство во фудбал. Денешниот интерес за Арминиус, главно, ја одразува љубопитноста за тоа што навистина се случило тој судбоносен септември пред 2.000 години. „Тоа е историски трилер“, вели Согер.
„Митот за Херман ќе продолжи да слабее“, додава Бендиковски. „Она што ќе остане од него ќе биде искуство како е создаден историски мит, и како една нација се обидува да се пронајде со фабрикување на историја. Тоа може да ни помогне подобро да се разбереме сами себе и другите нации“.
(Шпигел онлајн)
|