Македонски дуел во Абу Даби
Пандев против Огненовски во вечерашното полуфинале на Светскиот клупски куп во фудбал меѓу Интер и корејски Сеонгнам
Роберт Димитриевски
Дуелот меѓу Горан Пандев и Саша Огненовски го прави супер привлечен за македонските љубители на фудбалот вечерашниот полуфинален натпревар на Светскиот клупски куп во Абу Даби меѓу Интер и корејски Сеонгнам. Во мечот закажан за 18 ч. ќе се сретнат најдобриот македонски фудбалер Пандев во дресот на европскиот првак и најдобриот играч на Азија, Огненовски, од шампионот на тој континент.
„Го паметам како добро момче и како добар дефанзивец. Без сомнение, тој ја заслужува нашата почит“, изјави напаѓачот на Интер за својот несуден репрезентативен колега роден во Мелбурн од татко Македонец и мајка Австралијка. Централниот одбранбен играч на Сеонгнам доби повик од претходниот тогашниот селектор Среќко Катанец и требаше да дебитира за Македонија на пријателската средба со Молдавија во февруари 2009 година, но до тоа не дојде поради проблеми околу добивањето македонско државјанство.
Огненовски беше стрелец со глава на вториот гол од четврт-финалниот дуел со домашниот претставник Ал Вада, кој Сеонгнам го доби со 4:1. Тоа беше негов трет погодок во последните три натпревари, вклучувајќи го и финалето на Лигата на шампионите на Азија.
„Не ни знаев дека сум имал три од три, што воопшто не е лошо, зар не? Претходниот гол беше од пенал, да бидам искрен, но морам да бидам задоволен со таквиот учинок како центархалф. Тоа секако не е мојата главна задача, но очекувам да продолжам во тој стил и да дадам придонес во нападот, независно дали како стрелец или со привлекување неколку противнички играчи, со што ќе им отворам простор на другите“, вели капитенот на корејскиот тим во интервјуто за веб-страницата на ФИФА .
Манифестираните голгетерски способности на дефанзивецот на Сеонгнам наспроти долгиот пост на неговиот сонародник од Интер, прекинат во неодамнешниот првенствен пораз од Лацио, дополнително го зголемува интересот за нивната средба вечерва на „Заед спортс сити“. Огненовски уверува дека се полни со самодоверба и одвај чекаат да му излезат на мегдан на големиот фаворит.
„Момчињата постојано зборуваат за натпреварот и јас сум сигурен дека ќе ги натераме играчите на Интер добро да се испотат за своите пари. Тие се, веројатно, исто толку слаби во моментов како што се веќе долго, долго време, па се надевам дека ќе ги фатиме додека се ранливи“, оптимист е 31-годишниот Македонец од Австралија.
И четири години помладиот Пандев е самоуверен, иако на Интер не му цветаат рози откако Рафаел Бенитез го наследи на клупата Жозе Мурињо, со кого освоија се' што може да се освои во минатата сезона. Струмичанецот посакува да стане третиот Македонец што се закитил со титулата светски клупски првак по Дарко Панчев и Илија Најдоски, на кои тоа им успеа со Црвена звезда во 1991 година.
„Одвај чекаме да играме. Конечно сме на располагање речиси сите и можевме д�� тренираме заедно овие неколку дена“, изјави Пандев.
„Размислувавме за овој турнир уште кога ја освоивме Лигата на шампионите во Мадрид“, додава соиграчот од нападот и најефикасен играч на Интер сезонава Самуел Ето. „Има притисок, но тој е позитивен, бидејќи фантастично е да се игра во натпреварување од толку висок ранг како што е Светскиот клупски куп. Не можеме да дочекаме да истрчаме на теренот“.
Тренерот на Сеонгнам, Шин Тае-јонг, му ја препушта фаворитската улога на противникот, изразувајќи го тоа во проценти.
„Нашите шанси се 30-40 отсто, а тие на Интер 60-70. Но, чудо може да се случи и од еден процент шанси, а камоли од 30 отсто“, резонира „учителот“ на Огненовски.
Неговиот колега од спротивниот табор Бенитез е свесен дека потрошија многу кредити кај навивачите и кај раководството на клубот со слабите резултати во последно време, но знае и дека се' би се сменило со пехарот од Абу Даби.
„Јас сум смирен, задоволен и самоуверен“, тврди Шпанецот. „Добриот дух секогаш е присутен во екипата, дури и во најтешките моменти.
Во другиот полуфинален натпревар синоќа требаше да се сретнат африканскиот претставник Мазембе и Интернационал од Бразил. Финалето е в сабота од 21 ч. |