ФИА ја зголеми моќта на стјуардите
Стјуардите во Формула 1 ќе имаат уште поголема моќ при изрекувањето на казните за возачите во сезоната 2011. Досега тие имаа овластувања само за одредување казни во вид на поминување низ боксот (т.н. драјв-тру), додавање десет секунди или поместување подолу на стартот на наредното гран-при. Од следната година, пак, стјуардите ќе можат да исклучат возач од поредокот во трката или да го суспендираат од следното гран-при.
Светската автомобилистичка федерација реши и да продолжи со ангажирањето на поранешните возачи во Формула 1 во тричлените судиски панели во следната сезона. Политиката на вклучување високопрофилни ексвозачи во панелот беше применета на почетокот од сезоната 2010 и таа се покажа толку успешна што ќе продолжи и в година. Дејмон Хил, Најџел Мансел и Алан Прост беа дел од некогашните возачи што им асистираа на регуларните стјуарди сезонава.
Во меѓувреме, ФИА ќе воведе и своевиден полициски час за персоналот на тимовите во 2011 за да се скратат трошоците за дополнителните работни часови. „Полицискиот час“ ќе почнува на полноќ и ќе трае до 6 ч. изутрина во петоците кога тренингот ќе стартува во 10 ч. Пред саботните тренинзи, пак, кои ќе почнуваат во 11 ч., забраната ќе важи од 1 до 7 ч.
На екипите, сепак, ќе им бидат дозволени четири изземања од правилата во текот на сезоната.
„На ниту еден член на тимскиот персонал, кој на каков и да е начин е поврзан со зафатите врз болидите, не му е дозволен пристап во рамките на границите на патеката во текот на два шестчасовни периоди, кои ќе почнуваат десет часа пред стартот на првиот и на третиот тренинг. На секој тим ќе му бидат допуштени четири поединечни исклучоци од оваа забрана во текот на шампионатот“, гласи новото правило.
Уште една измена е направена во однос на правилото за користење еден менувач за најмалку четири трки.
„Само во 2011, освен во последната трка од шампионатот, на секој возач ќе му биде дозволено да го замени менувачот без да биде казнет само првиот пат кога тоа ќе биде неопходно во текот на сезоната. Во таков случај замената на менувачот ќе биде дозволена само за да се доизвози остатокот од конкретната трка“, вели новото правило. |