Број 3413  петок, 22 октомври 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон
Магазин
Вести








Site Meter
Спорт

Корејско сито во битката за Ф1-титулата

Квинтетот претенденти ветува возбудливо сефте на новата патека во Јеонгам в недела

Водечкиот во шампионатот на Формула 1, Марк Вебер, порача дека нема да отстапи од предизвикот на патеката, дури и ако доаѓа од неговиот тимски колега од Ред бул, Себастијан Фетел, во првата трка за Големата награда на Јужна Кореја што ќе се одржи в недела во Јеонгам. Австралиецот очекува да ја зачува достижната предност во вкупниот поредок, во кој им бега 14 поени на Фетел и на Фернандо Алонсо од Ферари, а на три трки до крајот на сезоната во шампионската битка се вклучени и возачите на Мекларен, Луис Хамилтон и Џенсон Батон. Вебер има 220 бода, Фетел и Алонсо по 206, Хамилтон 192 и Батон 189.

Тандемот на Ред бул има веќе еден судир на патеката годинава, што предизвика тензии меѓу двајцата. Вебер повеќе би загубил ако не ја заврши трката, во која неговите гонители мораат да преземат некаков ризик, но австралискиот возач вели дека нема да го менува својот бескомпромисен стил на возење во Јужна Кореја.

„Ако во иднина повторно се соочиме со предизвикот да се тркаме еден против друг, ќе го сториме тоа што секогаш го правиме, а тоа е да се обидеме да извлечеме најдобар резултат од каква и да е ситуација во која би се нашле, независно од тоа дали се тркам со Фернандо или со Луис, или со Џеј Би или со Себ“, вели тој. „Знам дека треба да завршувам трки, сите од нас го знаат тоа, и тоа ви е секогаш во мислите, но истовремено нема свесно да си препуштате позиции“.

Вебер не победи во ниту една од последните четири трки, но трите пласмани на подиумот му ја зголемија бодовната предност. Меѓутоа, возачот на Ред бул не е подготвен да влезе во разговор уште колку поени би му биле потребни за да ја досегне титулата.

„Смешно е да се почне со пресметка, бидејќи многу нешта можат да се случат“, изјави Вебер. „Ако победам во следните две трки, се' ќе биде готово. Разликата се одржува на посакуваното ниво во последните неколку трки и се надевам дека ќе продолжам во тој стил“.

Корејското гран-при ќе се одржи претстојниов викенд на патеката во Јеонгам, која пред само десет дена ја помина одложената инспекција од ФИА, а денеска прв пат болидите ќе ја пробаат на тренинзите. Подлогата на патеката доби потврда дека ги задоволува тркачките стандарди, но голем дел од околната инфраструктура, од трибините за гледачите до паркинзите за автомобилите, вчера се' уште личеше на градилиште. Работниците имаа тешка задача да ги доведат објектите во пристојна состојба, иако е очигледно дека станува збор за импресивно место за трки во Формула 1. Прашање е и колку фанови ќе присуствуваат, имајќи предвид дека продажбата на влезниците беше забавена поради големата неизвесност дали трката воопшто ќе се одржи, плус лоцираноста на патеката на четири часа возење од Сеул и во ненаселена област.

„Тие вложуваат огромни напори за да ги доведат работите на свое место пред истекот на крајниот рок“, оддава признание Вебер. „Изгледа дека се' ќе биде подготвено како што треба“.

Алонсо доаѓа со серија од пет пласмани на подиумот, вклучувајќи три победи и е толку задоволен од својата форма во финишот на првенството што објави дека сезоната 2010 е најдобра во неговата кариера, што е висока оцена од човек што веќе има две возачки титули зад себе.

„Не е готово. Ќе видиме како се' ќе заврши годинава“, изјави Алонсо. „Во поглед на среќата, мотивацијата, возењето, тимот итн. ова ми е најдобрата сезона“.

Фетел победи во последната трка во Јапонија, каде што Ред бул забележа еден-два триумф на патеката во Сузука, која и' одговараше на силата на болидите на многу брзите и на средно брзите свијоци. На хартија, Јеонгам нема да биде толку пријателска за „ред булите“, со тоа што трите правци и потребата за силно кочење во првиот дел од патеката повеќе им одговара на Мекларен и на Ферари.

„Секторот 1 и не ни одговара многу, но секторите 2 и 3 би требало да ни овозможат да ги стигнеме“, вели Фетел.

Првиот сектор би требало да ја прекине доминацијата на Ред бул во квалификациите во текот на целата сезона. Дури и да се изборат за двете најдобри стартни позиции, ќе бидат присутни силни сомневања дали ќе можат да го зачуваат водството до четвртиот свијок.

„Има уште 300 километри потоа“, забележува Вебер. „Исто беше во Спа, каде што мислевме дека сме ранливи. Ако не водите на крајот од првиот круг се' уште можете да ја направите трката интересна од тој момент, па натаму“.

На Мекларен очајно му треба добар резултат во Кореја, со оглед на тоа што Хамилтон заостанува 28 бода зад Вебер, а Батон три повеќе од него. Се' друго освен пласман пред двата „ред була“ и Алонсо, најверојатно, ќе значи крај на шампионските амбиции на тимот.

„Викендов ќе имаме повеќе од шанса за борба против Ред бул и Ферари“, смета Хамилтон.

Патеката во Јеонгам, една од само неколкуте во Ф1-календарот на која се вози спротивно од стрелките на часовникот, е долга 5,621 километри. Ќе се возат 55 круга, со вкупна должина од 309,155 км.


#
Статијата е прочитана 631 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Спорт
Момчето на кое му забрануваа да шутира со лева нога
Гамбит Асеко убедлив во Пловдив
Крај на сезоната за Серена Вилијамс
Руни бара еден милион повеќе од Роналдо
Против Кина за финиш на сезоната
Раул стана најдобар стрелец во историјата на сите еврокупови
Победнички старт на сезоната за У. Олимпија и за Илиевски
Спорт на ТВ






EU to move ahead on Serbia accession, add tough conditions
Bulgaria's landmark anti-mafia case unravels
Hungary waters down procurement rules for EU presidency