Вести
Крај на сезоната за Серена Вилијамс
Сезоната за Серена Вилијамс е завршена откако ја обнови повредата на стапалото поради која од тениските терени отсуствуваше од јули. Серена се повреди по освојувањето на турнирот во Вимблдон нагазувајќи на стакло во еден ресторан. Некогашната прва тенисерка требаше да се врати на турнирот во Линц, но тоа не се случи поради болките што ги чувствуваше за време на тренинзите.
Кошарка
МЗТ СкопЈе здробен во Кавадарци
Иако најави амбициозен проект, МЗТ Скопје со негова реализација, по се' изгледа, ќе оди постепено, ако не и од наредната година. Очигледно играчкиот кадар што сега го има нема да може да им парира на Фени индустри и на Работнички. Секако, ако тој не се засили или пак некој од другите два клуба не си замине, што е „добро утро“ за македонската кошарка.
На такво размислување не наведоа самите „штркови“ кои беа избришани од паркетот во Кавадарци. Дебакл против шампионот 63:90. Гостите од Аеродром се држеа само на почетокот, а изненадување за нив беше Владимир Брчков кој во првиот период постигна 10 од вкупно 14 коша (2/2 за три, 4/5 за два, три скока и една асистенција).
Домаќините трпеливо ја градеа предноста што на полувремето изнесуваше 11 разлика 46:35. Но, потоа во третиот период следеше инстантен потоп на МЗТ Скопје, кој постигна само девет коша, а прими 25. Во тие моменти брилјираше Војдан Стојановски, кој на крајот заврши со 16 коша, колку што постигна и Кнежевиќ. Кај МЗТ (и покрај добрата одбрана над него од Соколов), најефикасен беше Јане Петровски со 16 коша.
Работнички не блескаше на гостувањето со Торус, но на крај благодарејќи, пред се', на Мираковски победи со 74:72. Тој на две секунди пред крајот го постигна победничкиот кош, а најмногу поени постигна Ристе Стефанов - 21.
Резултати од 3.коло: Торус - Работнички 72:74, Лирија - Ултимејт баскет 70:86, Овче Поле - Пелистер 78:57, Фени И. - МЗТ Скопје 90:63, Струмица - Куманово 82:74.
Табела: Фени И 6, Работнички 6, МЗТ Скопје 5, Овче Поле 5, Ултимејт баскет 5, Торус 4, Струмица 4, Пелистер 4, Куманово 3, Лирија 3. (Н.К)
Тенис
Јотовски полуфиналист во двоЈки во Чиле
Македонско-португалската двојка Томислав Јотовски и Гонкало Переиреа се пласира во полуфиналето на тенискиот фјучерс во Сантјаго де Чиле, кој се игра на земјени терени и за награден фонд од 10.000 долари. Тие во второто коло беа подобри во три сета од вторите носители Маурисио Ечазу од Перу и Гастон Џусани од Аргентина, совладувајќи ги со 6-4, 4-6, 10-8. Нивни противници синоќа беа третите носители Гилјермо Ормазабал и Родриго Перез, обајцата од Чиле.
Неколку часа претходно Јотовски, кој е 1402. на АТП-листата, беше елиминиран во второто коло во сингл од Николас Бариентос (1038.) од Колумбија, од кого изгуби со 6-3, 6-4. (Р.Д.) |