Момчето на кое му забрануваа да шутира со лева нога
Герет Бејл му даде три гола на европскиот шампион потврдувајќи дека прераснува во најдобар лев бек во светот
Наум Котевски
„Герет Бејл не е за продавање“, викна менаџерот на Тотенхем Хари Реднап во поттрибинскиот простор на „Џузепе Меаца“ по поразот од Интер (3:4) во Лигата на шампионите. Анализата на играта на неговиот тим, поточно на дијаметрално квалитативно различните две полувремиња, ја стави во втор план. Прва мисла на „валканиот“ Хари му беше да ги тргне рацете на бескрупулозните хиени од неговото свежо месо - младиот 21-годишен суперл��в бег Герет Бејл, кој завчера на европскиот шампион му даде три гола. И тоа на идентичен начин со убиствената лева нога на која своевремено некои тренери и вовеле рестрикција. Станува збор за Гвин Морис, фудбалскиот ментор на Бејл во средното училиште Витчрч во Кардиф каде што е роден Велшанецот. Имено, поради супериорните удари со левицата Бејл (играше и хокеј и рагби и беше таканаречен тркач на дистанца) доби специјални наредба. Да игра фудбал со еден допир и да не ја користи „злобната“ нога затоа што можел некој врсник да го отепа. „Требаше и Реднап да му ја забрани“, веројатно така во себе си вели и еден од најдобрите голмани во светот, Жулио Цезар.
Како и да е, паралелно со училишните настапи Бејл тренираше и во сателит академијата на Саутемптон. И тамошните тренери, како и Морис го оценуваат Бејл како еден од најнесебичните индивидуалци на кои со уживање им помогнале во едукацијата.
На своето деби на 17 април 2006 година со 16 години и 275 дена Бејл стана вториот најмлад играч што настапил за Саутемптон (по Тео Волкот). Го одигра целиот натпревар од Чемпионшип лигата против Милвал (2:0), а на 6 август 2006 година го постигна својот прв гол и тоа од слободен удар против Дерби Каунти (1:1).
На 25 мај 2007 година за пет милиони фунти премина во Тотенхем. Но, со дополнителните плаќања што беа условени со договорот трансферот рипна на околу 10 милиони фунти.
Дебито во Премиер-лигата го имаше против Манчестер јунајтед на „Олд трафорд“, а во вториот меч против Фулам (3:3) постигна и гол. Оттогаш успешно настапуваше за Тотенхем, но лани во јуни мораше да замине на операција на коленото, која го оддалечи од теренот два месеца. Се врати на терен на 26 септември 2009 година кога Тотенхем го демолираше Барнли со 5:0. Во првиот период Бејл беше фрустриран што мораше повеќе да седи на клупа, бидејќи Екото беше во добра форма. Тогаш се случи обратното, Екото се повреди, а Бејл доби нова шанса што наполно ја искористи.
Првиот гол во Лигата на шампионите го постигна против Твенте (4:1), а завчера дојде и првиот хет-трик и тоа против европскиот шампион.
„Бејл беше фантастичен. Ако го продадаме автоматски во моментов ќе испратиме јасен сигнал дека Тотенхем не е сериозен клуб. Туку дека е тим што продава, а не сака успех. Нема многу подобри играчи по левата страна во светот од него. Ешли Кол можеби е најдобар, но ова младо момче не е далеку од него. На подготвителниот меч против Бенфика Бејл одигра на ниво какво што досега немам видено од некој лев бек. А, има само 21 година“, вели Реднап и додава: „Бејл потпиша нов договор со нас и се надевам дека ќе остане уште долго“.
На пофалните зборови на Реднап соодветно врати и Бејл:„Реднап ми ја даде шансата и јас ја користам. Тој има голема улога во мојот напредок. Ова беше одличен меч, никогаш нема да го заборавам. Но, не значи дека сега треба да летам. Напротив, треба уште многу да учам“, свесен е Бејл, кој сосема заслужено беше ставен во првиот тим на ова коло во Лигата на шампионите, кој го состави популарниот сајт „Гол“.
Во тимот се наоѓаат: Амелија (Милан), Алвеш (Барселона), Бугхера (Ренџерс), Карваљо (Реал), Абидал (Барселона), Насри (Арсенал), Јапи Јапо (Базел), Озил (Реал), Бејл (Тотенхем), Раул (Шалке), Ето (Интер).
Група А
Интер - Тотенхем 4:3
Твенте - Вердер 1:1
Табела: Интер 7, Тотенхем 4, Вердер 2, Твенте 2
Група Б
Шалке - Хапоел 3:1
Лион - Бенфика 2:0
Табела: Лион 9, Шалке 6, Бенфика 3, Хапоел 0
Група Ц
Ренџерс - Валенсија 1:1
Манчестер јунајтед - Бурсаспор
Табела: Манчестер Ј 7, Ренџерс 5, Валенсија 4, Бурсаспор 0
Група Д
Барселона - Копенхаген 2:0
Панатинаикос - Казан 0:0
Табела:Барселона 7, Копенхаген 6, Казан 2, Панатинаикос 1 |