Кој тактизира со Вардар
Миодраг Мицковиќ
Долго очекуваното судско рочиште во Основниот суд 2 во Скопје, на кое требаше да се решава по барањето на поранешниот спонзор на Вардар, Брацо Вујичиќ, клубот да се врати во состојбата во која се наоѓаше на 15 март 2008 година, кога претседател беше Атанас Костовски и кое беше закажано за 24 септември беше одложено од формални причини. Иако од Вардар беше поднесена целосната документација до Централниот регистар на Република Македонија според која требаше за в.д. претседател на клубот да биде запишано името на Мишо Мајсторовиќ, да се избрише името како претседател на Драги Сетинов, тоа не беше направено иако според законски прописи, кога постои целосната документација тоа мора да се изврши во рок од три дена. Барањето од Вардар за промена во регистарот беше поднесено на 21 септември.
Зошто се доцни со одлуката, немаше одговор, меѓутоа, интересно да се напише дека во целото ова барање клубот да се врати во состојба од 15 март 2008 година, имаше неколку судски одлуки, дури за тој случај решаваа и тројца судии.
Поради сето ова иако и на закажаното рочиште присуствуваа и Мајсторовиќ и Сетинов, судењето беше одложено за 8 октомври.
Меѓутоа, се поставува навистина прашањето, дали некој и кој тактизира со Вардар. Кои се тие сили што влечат потези кои само му штетат на клубот. Да се потсетиме на изминатото првенство кога Вардар не го одигра мечот со Металург од неоправдани причини, потоа во годинашнава сезона не отпатува за Турново и не го одигра натпреварот со Хоризонт наводно поради труење на 11 фудбалери, по што не само што го загуби со службен резултат, туку му беа одземени и три бода и доби парична казна од 2.500 евра. Вардар освен тие лекарски уверенија од една приватна амбуланта во Ѓорче Петров во кои пишува дека играчите се жалеле на болки во стомакот и повраќање не приложи никакви други докази. Никој не знае во кој ресторан јаделе и се затруле тие 11 фудбалери, каде беа другите играчи од резервниот состав кои биле способни да ја одиграат средбата во Турново. |