Играчите на Мајнц сами избираат кој ќе игра!
Новото чудо во Бундес-лигата со тренерската ѕвезда Тухел денеска му гостува на Баерн
Додека во Гелзенкирхен ја слават првата победа, а во Минхен се мачат во потрага за вистинската форма, Мајнц за кого успешно настапува и македонскиот репрезентативец Николче Новески, прерасна во хит на Бундеслигата. Во пет кола има пет победи и засега е сам на врвот на табелата со три бода предност во однос на Борусија Дортмунд, а пет во однос на Хофенхајм. Момчињаата газа�� се по ред, делуваат несопирливо и уживаат во секој момент.
„Во првиот дел одигравме најдобро откако сум дојден. И затоа сме наградени со два гола“, кажа тренерот Томас Тухел по победата над Келн од 2:0.
Токму на овој 37 годишен стручњак му се препишуваат најголемите заслуги за чудото од Мајнц. Го презеде тимот од „диктаторот“ Јорн Андерсон и воведе сосема поинаков начин на работа. Инсистира на блискост во соблекувалната, играчите меѓусебно се нарекуваат со прекари, а презимињата се забранети. А, ден пред секој меч се бира почетната постава.
„Играчите секогаш се рамноправни соработници и имаат право на сугестија. На крајот јас одлучувам, но најчесто го прифаќам нивното мислење“, вели Тухел, дипломираниот социолог.
Инаку, Тухел како играч беше на ниво на полупрофесионалец. На��тапуваше четири години за нисколигашот Улм. Таму своевремено тренер му беше Ралф Рањик. Поради сериозна повреда на коленото порано ја завршува кариерата, а работи како шанкер во Штутгарт Радиобар за да обезбеди средства за студии.
„Бев лут на мојата судбина. Еден ден решив да престанам да работам во кафеана“.
Ралф Рањик подоцна заминува во Штутгарт и бидејќи го ценел Тухел како играч и човек го земал со себе. Најпрвин Тухел во Штутгарт работел како практикант, а подоцна го преземал тимот до 14 години.
„Верував дека можам да станам тренер. Но, за тоа треба да се учи. Таа професија не е само логичен след на нештата по 400 одиграни меча“, вели Тухел, кој во 2005 година ја освои Бундеслигата со тимот на Штутгарт до 19 години.
Тухел во 2007 година добива про-значка, а во 2009 година ја освои титулата со генерацијата до 19 години на Мајнц. Управата заслужено го унапреди во тренер на првиот тим и сега со 37 години е нова ѕвезда во Германија.
Мајнц има добри фудбалери. Тука е капитенот на репрезентацијата до 21 година Луис Холтби (позајмица од Шалке), играч од средниот ред со напаѓачки амбиции, кој ги постигна двата гола со Келн. Холтби не ја крие желбата да игра за Англија, земјата на неговиот татко. Во тимот е и 19 годишниот суперталент Андре Шурле, кој е на пат да замине во Леверкузен за осум милиони евра. Клупската паметна стратегија да се промовира себе си како природна дестинација за играчи од 18 до 23 години е исплатлива и на теренот и надвор од него.
Тухел знае многу да ротира и во вторникот изведе пет нови играчи на терен, без да го намали квалитетот на изведбата. Тоа е затоа што Мајнц е преполн со млади фудбалери кои имаат огромна желба да научат нешто ново и да се докажат.
Тухел не е догматски поставен на формациите. Константите во играта се многу трчање, интензивен притисок и што е можно побрзо префрлање од напад во одбрана и обратно.
„Начинот на кој игравме денеска не прави способни да одиграме и меч во Премиерлигата вечерва. Ова беше најдобрата игра од кога сум тука“, кажа Тухел по победата над Келн.
„Мајнц играше романтично, како некогаш Англичаните“, напиша „Зидојче цајтунг“.
Во работата на Тухел, сепак, нема ништо ретро. На неговите играчи им пристапува како идеализирана верзија на постар брат. „Тој го комбинира авторитетот со човечноста“, изјави Холтби.
„Водечкиот тим во Бундеслигата е сто отсто за човечките односи. Мојата идеја и на раководството е почит и благодарност за секого“, порача Тухел, кој беше присутен и на светското првеснтво во Јужна Африка.
Таму ги снимаше речиси сите тимови. Импресиониран е од формациската поставеност на Германија (4-2-3-1), како и од онаа на Чиле (3-3-3-1), но и од начинот на циркулирање на топката кај Мексико.
Во клупскиот свет најмногу му се допаѓа Барселона. „Ме одушевува нивната посветеност и страст кога станува збор за освојување на топката во половината на противникот откако ќе ја загубат. Тоа е стил на работа. Ѕвездите се максимално фокусирани. Јасно им е дека немаат право да се однесуваат лефтерно и да се симнат малку подолу од нивото на напорна работа“, додаде Тухел, кој денеска со својот тим му гостува на големиот Баерн. Подобар тест за младоста и знаењето нема. (Н.К.) |