ФФМ ќе наградува и за неуспех
Наум Котевски
Иако, по катастрофалниот старт во квалификациите за европскиот шампионат 2012 година беше логично очекувањето на седницата на Управниот Одбор на Фудбалската федерација на Македонија во „Стоун Бриџ“ да се стркалаат камењата на раздорот, од највисоката институција не убедија дека логиката ја банализира стварноста.
Во еден мрачен период кога ја завршивме трката пред таа да почне, ФФМ одлучи да дебатира и да составува правилник за наградување на репрезентативците. И, целата постапка немаше да предизвика плач и хистерија како кај дете заглавено во лифт доколку по примерот на секоја цивилизирана земја водачите на фудбалот го планираа наградувањето на успехот, туку мртви ладни решија да го наградат и неуспехот. Имено, доколку репрезентацијата се пласира на ЕП во Полска и Украина наградата ќе биде 40 отсто од средствата што ги доделува УЕФА. Ако бидеме втори (што значи сонуваниот бараж) репрезентативците би поделиле 100.000 евра, а доколку бидеме трети (што значи топол дом и плазма ТВ, само Јонуз би одел на лице место да анализира) би им се „радувале“ на 50.000 евра!
Сето ова да ти бил предлог на самите репрезентативци, а ФФМ, за кого полесно е да се намали нивото на тоа што значи успех, отколку да се изеде ќотек во народа биртија, само ставил потпис на финансиското мени. Без разлика кој предложил, а кој се сложил, тешка глупост е насилно да се става како пиштол во уста неуспехот во графата на успех. А, тоа е третото место. Тоа тие исто како инвеститорот на некоја зграда, која, патем, се срушила во изградба наместо договорените 500.000 да му плати на изведувачот 50.000 евра во името на некоја морална исправност.
Награда за успех мора да има и објективно 100.000 евра на делба се ниска награда за посакуваното второ место. Затоа подобро би им било на репрезентативците да се откажат од „ситнишот“ за третото место, а синдикално да се борат за посолен подарок за местото што дава некакви шанси за пласман. Вака испаѓа дека се свесни и убедени во неуспехот, како што претседателот на Светската шаховска федерација Кирсан Илјумжинов е убеден дека постојат марсовци.
Инаку, оваа одлука не беше крај на жестоката офанзива на ФФМ во решавањето на фудбалските проблеми. Поттикнати од организаторот на Европскиот шампионат во кошарка, Турција, потоа од Тотенхем, па од УЕФА...и ФФМ удри на маса и кажа: „Нема вувузели на натпреварите од домашниот шампионат“. Некој ќе промрмори дека многу дрско е погребан овој нов африкански навивачки реквизит. Море така и му треба. За во светот не знаеме, ама тука навистина беше потребен некој маж на гласноста гласно да одговори. Па веќе со месеци илјадници луѓе враќајќи се од стадионите (особено од големите дерби натпревари) ширум целата држава не можеа онака исфилтрирани од стресот да се фрлат во прегратките на сопругите, туку мораа да полетаат уште понервозни кон одделението за оториноларингологија Клинички центар, жалејќи се на слухот.
„Додека некој не ги укине вувузеливе јас не одам веќе на стадион. Па тоа е ненормална фреквенција“, беа зборовите на паталците вљубеници во фудбалот, кои веќе им преседнаа и на докторите.
Од друга страна, пак, разбравме дека фирмата за слушни апарати „Слух“ ја зголемила продажбата. Ама, засега никој од ФФМ не се јавил да нарача некое апаратче! |