Ватерполистите подобри, но повторно поразени
Гостите од Шпанија победија со 12:8 во мечот од Светската лига, во кој Македонија имаше и 7:7
Роберт Димитриевски
И покрај видливиот напредок во однос на меѓусебниот дуел од пред два дена во квалификациите за Европското првенство, ватерполо репрезентацијата на Македонија повторно загуби од Шпанија, овој пат со 12:8 во рамките на Светската лига. Освен идентичната негатива, натпреварот од второто коло во групата Б беше доста поинаков од тој во неделата, односно избраниците на селекторот Сашко Поповски многу подолго беа во игра за поволен резултат против светскиот вицешампион. Потврда за тоа е израмнувањето на 7:7 преку Бениќ на 99 секунди пред истекот на третата четвртина, по што македонските ватерполисти имаа и три напада, од кои два со играч повеќе, но ги упропастија со почетнички грешки. Почетокот на крајот го означи брзоплетиот шут на Димовски при 7:8 на 13 секунди до завршувањето на четвртината, по што стигна казната. „Фуријата“ во одбраната заигра со фластер на македонскиот плејмејкер Летица, а во нападот со серија од 5:1 стигна до уверлива победа.
„Изгледавме посвежо, прикажавме подинамична игра отколку на претходната средба, а и помладите добро се претставија. Тоа посебно се однесува на Димовски, кој одлично го чуваше корпулентниот шпански центар Перез, а по почетната трема, и дебитантот Маринковиќ влезе во серија успешни одбрани. Сето тоа дава надеж за подобри резултати во претстојните мечеви“, задоволен е селекторот Поповски.
Средишницата од натпреварот на Олимписки базен во Скопје беше највалитетниот дел од играта на домашната селекција, која вториот период го заврши со реми 3:3, а третиот го доби со 2:1. Од голот на Ширањи за водство на Шпанија од 5:2 на почетокот на втората четвртина, Македонија преку Летица, Ранѓиќ од пенал и со хет-трикот на Бениќ фати резултатски приклучок, но немаше сили за целосен пресврт.
Поповски го одржа ветувањето и им даде шанса на Јаневски и на Пулејковски, кои ги зазедоа местата на Перчиниќ и на Кречковиќ, а одлично деби имаше 22-годишниот Милош Маринковиќ. Голманот на Војводина со деветте одбрани покажа дека може да биде солидна алтернатива за Перчиниќ, кој доби поштеда поради повредата што ја влече извесно време.
Следниот настап на ватерполистите е на 25 јануари, кога ќе и' гостуваат на Германија во Светската лига.
Македонија - Шпанија 8:12
По четвртини: 2:4, 3:3, 2:1, 1:4. Базен: „Олимписки“ во Скопје. Гледачи: 1.000. Петерци: Македонија 1/2, Шпанија 3/3. Исклучувања: Македонија 7, Шпанија 13. Реализација со играч повеќе: Македонија 3/11, Шпанија 2/4.
Македонија: Маринковиќ (9), Рачуница 1 (1/3), Вуксановиќ (0/1), Димовски (0/1), Босанчиќ 1 (1/3), Пулејковски, Делаш (0/1), Ранѓиќ 2 (2/5), Милановиќ, Латковиќ (0/2), Летица 1 (0/3, 1/2), Бениќ 3 (3/3), Јаневски. Селектор: Сашко Поповски.
Шпанија: Агилар (5+1), Естелјер 1 (1/2), Марсал 1 (1/2), Ширањи 1 (1/1), Молина 3 (1/4, 2/2), Мингељ, Галјего 1 (1/4), Еспањол (0/5), Гутиерез (0/1), Малјарах (0/2), Перез 1 (1/4), Гарсија 4 (3/5, 1/1), Лопез. Селектор: Рафаел Агилар.
СРБИТЕ СИГУРНИ ВО МАГДЕБУРГ
Група А: Германија - Србија 9:13, Македонија - Шпанија 8:12. Табела: Србија 6, Шпанија 4, Германија 2, Македонија 0. Следно коло: Шпанија - Србија, Германија - Македонија.
Група Б: Романија - Црна Гора 6:15, Турција - Русија 3:9. Табела: Црна Гора 6, Романија 3, Русија 3, Турција 0. Следно коло: Русија - Црна Гора, Романија - Турција.
Група Ц: Холандија - Италија 6:16, Грција - Хрватска 4:10. Табела: Италија 6, Хрватска 6, Грција 0, Холандија 0. Следно коло: Италија - Хрватска, Грција - Холандија. |