Со шестмина дебитанти против Кина
Сашко Ѓ. Димовски
Никогаш немало толку многу дебитанти во Македонската фудбалска репрезентација како што е случај сега за претстојниот пријателски натпревар против Кина на 22 декември во Фуо Шан. Селекторот Мирсад Јонуз вчера го објави списокот со фудбалери во кој дури шестмина за првпат се наоѓаат во ситуација да конкурираат за сениорскиот национален тим. Тоа се дефанзивците на Менде Степановски од Ренова и Златко Таневски од полски Белхатов, играчите за врска Мухамед Демири од швајцарскиот суперлигаш Тун, Ферхан Хасани од Шкендија и Борче Маневски од Работнички и напаќачот на Арка Гдинија во полскиот шампионат, Мирко Ивановски.
Во комбинација за голманската позиција се Кристијан Наумовски од Динамо Букурешт и Мартин Богатинов од Работнички, за место во дефанзивната линија, покрај Степановски и Таневски, ќе се надеваат уште Игор Кралевски (Металург), Даниел Мојсов (Војводина), Владе Лазаревски (Локомотив Астана), Александар Тодоровски (Рад) и Никола Карчев (Шангај). Никола Глигоров и Арменд Алими ќе им прават друштво на Демири, Хасани и Маневски во средината на теренот, голови ќе се бараат од Кировски (Скопје) и Фетаи (Нордсјиланд). Собирот на репрезентативците е закажан за 17 декември во Скопје.
Ова ќе биде трет пријателски меч меѓу Македонија и Кина. Во претходните два имаме по едно реми (0:0) и пораз (0:1).
Голмани: Кристијан Наумовски (Динамо Букурешт), Мартин Богатинов (Работнички)
Одбрана: Менде Степановски (Ренова), Игор Кралевски (Металург), Даниел Мојсов (Војводина), Александар Тодоровски (Рад), Владе Лазаревски (Локомотив Астана), Александар Лазевски (Партизан), Никола Карчев (Шангај), Златко Таневски (Белхатов)
Среден ред: Мухамед Демири (Тун), Арменд Алими (Истра Пула), Никола Глигоров (Работнички), Ферхан Хасани (Шкендија), Борче Маневски (Работнички)
Напад: Христијан Кировски (Скопје), Мирко Ивановски (Арка Гдинија), Бајрам Фетаи (Нордсјиланд). |