Нови ветришта во македонскиот шах
Новоизбраното раководство на ШФМ најави шаховски фестивал во јануари, гран-при турнир наесен, доаѓање на Топалов и на Костенјук, но приоритет им е младинскиот шах
Роберт Димитриевски
Лидија Софревска-Андонова и новиот состав на Управниот одбор на Шаховската федерација на Македонија на кој стана претседател на Изборното собрание во неделата најавуваат многу новини за враќање на патеките на успехот на древната игра во земјава. Првата одлука на новото раководство на ШФМ е организацијата на дводневен шаховски фестивал на 21 и 22 јануари, кој ќе опфати сениорски и јуниорски турнири во брзопотезен и во забрзан шах. Токму младите шахисти ќе бидат во фокусот на интересирањето на Федерацијата, зад која во наредниот период целосно ќе застане и фармацевтскиот гигант „Алкалоид“, од каде што, впрочем и доаѓа првата жена-претседател на ШФМ.
„Нема спорт во Македонија во кој сме биле домаќини на Олимпијада, на Европско поединечно првенство и на турнири на кои учествувале светски шампиони, како Фишер, Карпов итн. Не' чека долга и макотрпна работа за повторно заживување на шахот во државава во ситуација кога бројот на млади играчи се намалува. Оттаму и нашиот приоритет ќе биде развојот на младинскиот шах преку организирање и настапи на натпревари и поддршка за клубовите во создавањето таленти. Желба ни е родителите да можат да се пофалат дека нивното дете е шахист“, вели Софревска-Андонова.
Грижата за подмладокот му е доверена на велемајсторот Влатко Богдановски како претседател на Комисијата за младински шах, а првата шанса за докажување ќе биде јуниорската Балканијада во мај. Нема да бидат запоставени ниту сениорите, за кои в година ќе се организира силен гран-при турнир како продолжение на Скопје опен, репрезентативците ќе се поттикнат за повеќе настапи на турнири во странство, а се најавува и поддршка за развојот на женскиот шах. До крајот на јануари ќе се знаат и новите капитени на машкиот и на женскиот национален тим.
Круна на активностите во 2011 година треба да биде доаѓањето на поранешниот светски шампион Веселин Топалов, како и на актуелната светска првенка Александра Костенјук. |