Просинечки нов тренер на Звезда!
Шестата Звездина ѕвезда вчера требаше официјално да потпише договор, а денеска ќе биде претставен на „Маракана“
Роберт Просинечки е новиот тренер на Црвена звезда. Шестата Звездина ѕвезда требаше вчера и официјално да го потпише договорот со некогашниот европски шампион, а денеска треба да биде претставен на прес-конференцијата на „Маракана“.
На тој начин легендата на Звезда, Реал, Барса, Динамо и хрватската фудбалска репрезентација за прв пат во својата кариера ќе води самостојно еден клуб. И тоа Звезда, која е до гуша во проблеми и со години гледа во грбот на лутиот ривал Партизан.
„Се договоривме со Просинечки. Тој ќе го води клубот. Сметаме дека тоа е најдоброто решение, бидејќи станува збор за легенда на клубот, љубимец на навивачите и човек кој е големо име не само на Црвена звезда, туку и на европскиот фудбал“, изјави извор од клубот, откако досегашниот тренер Крстиќ доби отказ.
Просинечки во саботата беше на мечот Звезда - Војводина, по што тргна лавината шпекулации дека тој може да биде новиот стратег. Просинечки беше одмерен во изјавите и не ја затвораше можноста тоа да се случи еден ден.
„Понудата да станам тренер на Звезда е на масата, знам дека мора бргу да одлучам. Тоа ќе биде денеска. Знам дека ќе има разни коментари, но баш ми е гајле“, изјави вчера Просинечки за „Вечерњи лист“.
Наводно, Просинечки ќе има годишна плата од 100.000 евра, а за помошник ќе го ангажира сегашниот помошник од Загреб, Гордан Циприќ.
Хрватските медиуми нагласија дека сето тоа мора да го аминува и селекторот на Хрватска Славен Билиќ, пријателот на Роберт, без кого „коцкестите“ не можеа да се замислат.
Додека тренерот Лјупко Петровиќ изјавуваше дека Роби е легенда достојна за Звезда, познатиот спортски новинар Милојко Пантиќ го предупреди: „Роби не доаѓај, тука фудбалот го водат криминалци. Роби е мојот омилен лик и го знам од монементот кога дојде во Звезда. Не сакам да зборувам кој и што е тој. Сепак, мислам дека Просинечки го носат луѓето кои сакаат да го покријат своето незнаење. Такво замаглување на очите е неверојатно. Сакаат само да го искористат во растурањето на еден клуб до крај“, смета Пантиќ. |