Далас ја прослави 10. победа во низа во НБА-лигата
Екипата на Далас славеше над Голден Стејт со 105:100 што е нејзина десетта победа во низа со која маверикси (скор 17-4) ја презедоа лидерската позиција во Западната конференција од Сан Антонио. Дирк Новицки беше прв стрелец во победничкиот тим. Германецот постигна 25 коша, Џејсон Тери му помогна со 20. Стивен Кари со уфрлени 21 поен и Дејвид Ли со 20 беа најефикасните играчи во тимот на Голден Стејт, но нивниот ефект беше недоволен за избегнување на четвртиот пораз во серија и воедно деветти во последните десет натпревари. Мечот беше решен во последната четвртина на која и' претходеа три израмнети. Во неа Далас направи серија од 14:5 за обезбедување на нешто почувствителна предност што неговите кошаркари умееја да ја сочуваат до крајот.
Убедлива победа забележа Филаделфија чии кошаркари го „добија“ Кливленд со 20 коша разлика (117:97). Уште во стартот „седумдесетишестките“ се одлепија на плус 10, водство што без проблеми го контролираа низ целата средба. Притоа ја одиграа најефикасната прва четвртина во оваа сезона со 35 поени и најефикасното полувреме во кое уфрлија 66 коша. Најзаслужен за триумфот беше Тадеус Јанг, кој иако не беше стартер, сепак, успеа да наниже 26 коша и 11 скока. Хиксон беше најзабележителен во дресот на кавалирси со 18 поени.
Резултати: Лос Анџелес Лејкерс - Вашингтон 115:108, Портланд - Феникс 106:99, Шарлот - Денвер 100:98, Далас - Голден Стејт 105:100, Хјустон - Детроит 97:83, Атланта - Њу Џерси 116:101, Филаделфија - Кливленд 117:97. |